Косово: утре распуштање на парламентот
6 мај 2014„Распуштањето на Парламентот ќе биде почеток на процес со лидерите на политичките партии за одржување предвремени избори“, изјави косовската претседателка Атифете Јахјага по состанокот со претседателите на политичките партии.
На средбата присуствувале премиерот и лидер на Демократската партија, Хашим Тачи, лидерот на Алијасата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа и потпретседателката на алијансата за ново Косово, Мимоза Кусари-Лила.
На средбата паднал договор парламентот да се распушти на вонредна седница која ќе се одржи утре, кога ќе се соопшти и датумот на одржување на изборите.
Поради тоа законот за формирање вооружени сили на Косово останува во надлежност на новиот парламент, исто како и законот за загарантирани пратенички места за малцинствата. Претходно косовскиот премиер Хашим Тачи по средбата со еврокомесарот за проширување Штефан Филе истакна: „Парламент кој не може да основа своја војска нема ни потреба да постои“.
Тачи изјавил дека за основањето на косовската војска не се гласало поради „изборната треска кај неколку партии“.
Косовската претседателка Јахјага ги повика денеска парламентарните лидери на партии да постигнат консензус за формирање на вооружени сили на Косово и одржување предвремени избори.