Македонија на 78. место според индексот на хуман развој
3 ноември 2011Со индексот на хуман развој на УНДП се изразува квалитетот на живот врз основа на податоци за животниот век, пристапот кон образованието и приходите, како и бруто домашниот производ (БДП) по жител. Листата за 2011 е поделена на четири групи од по околу 45 земји оценети според степенот на хуман развој.
Македонија се наоѓа во втората група, која ја сочинуваат „земји со висок степен на хуман развој“. Во оваа група се наоѓаат и Црна Гора (54. место), Србија (59. место), Босна и Херцеговина (74. место), како и две членки на ЕУ, Романија и Бугарија, на 50. односно на 55. место.
Највисоката група на „земји со многу висок степен на хуман развој“ ја предводи Норвешка, деветти пат во изминативе 11 години, а по неа следуваат Австралија, Холандија, САД, Нов Зеланд, Канада, Ирска, Лихтенштајн, Германија и Шведска.
Од останатите поранешни југословенски републики, Словенија се наоѓа на 21. место, а Хрватска на 46. место. Во третата група, „земји со среден степен на хуман развој“ се наоѓаат брзорастечките економии, како Кина (101. место) и Индија (134. место). Во најниската, четврта група главно се државите од африканскиот континент.
Автор: СН/ГЧ/миа
Редактор: Борис Георгиевски