Македонски преку он-лајн за иселениците!
7 март 2010„Македонски он-лајн“ е првичното име на проектот што треба да стартува на средината на месецов, а кој го води Митко Јованов, политиколог кој неколку години живее во Нирнберг. Како што кажува и самото име, станува збор за учење македонски јазик преку компјутер. Идеjата Јованов ја добил откако не успеал да усогласи еден заеднички термин за децата и внуците на Македонците од Нирнберг кои имаат желба подобро да го научат јазикот, културата и историјата на нивните дедовци. Наставата ќе се одвива во согласност со програмата изработена од Бирото за развој на образованието од Република Македонија, а која е наменета за дијаспората. Иако има одредени резерви, Јованов е оптимист дека наставата он лајн ќе стартува на 15 овој месец и опишува еден виртуелен час.
Како во реална училница
„Ако терминот за изведување на наставата е да речеме во петок во 17 часот, учениците преходно добиваат линк на својот меил, преку кој можат да се вклучат во мултимедијалната училница. Во 17 часот сите ученици, а ќе ги има најмногу 10 во една паралелка, се приклучуваат преку компјутерите во училницата. Таму веќе ги чека наставничката. Тие неа ја гледаат на мониторите, а и таа нив. Се‘ што реално се пишува на една табла во нормална училница, децата го гледаат на мониторите.
Јованов кажува дека за наставата која треба да се следи учениците преходно добиваат пауер поинт презентација. За комуникацијата со децата Јованов објаснува дека наставничката има целосна контрола. Може во секој момент да вклучи или исклучи еден од учениците. Доколку детето сака да постави прашање, таа добива сигнал и точно знае по име и презиме кое дете што прави. Целата настава се случува во аудио форма, камко во реална училница. Разликата е што не се дише истиот воздух.
Јованов вели дека училиштето он лајн кое ќе се користи е создадено од една германска фуирма и наставникот има комплетна контрола врз сите оние кои се вклучени. Идејата, меѓутоа, е наставата да има забавен карактер и да не биде дополнителен товар за децата. Целокупниот проект не е од приофитабилен карактер. Првиот месец наставата е бесплатна. Месечно чини 20 евра, но доколку се плати за цело полугодие, 16 евра месечно. Постапката за пријавување е во тренд со името. Се‘ е он лајн – од пријавувањето, преку потврдата за уписот и добивањето лозинка за вклучување во линкот, до наставата по која се издаваат сертификати за следење. Оценки нема, секако доколку некој не изрази желба да ги добие и наученото да му биде вреднувано!
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Жана Ацеска