Напнато во Косовска Митровица поради градење парк на мостот над Ибар
22 јуни 2014Двајца полицајци и еден новинар се повредени, а едно полициско возило е оштетено во немирите кои избија денеска во јужниот дел на Косовска Митровица за време на протестите на Албанците поради изградбата на „Паркот на мирот“ на мостот над Ибар. Албанците фрлаа со камења кон припадниците на косовската полиција и припадниците на КФОР, кои одговорија со солзавец и шок-бомби.
Косовската полиција, покрај од американските војници од НАТО, доби поддршка и од полската полиција, која е дел од мисијата на ЕУ.
Протестот во јужниот дел на градот се одржуваше под мотото „Или вие или ние“. Градоначалникот на северниот дел на Косовска Митровица Горан Ракиќ, кој беше меѓу собраните Срби во близина на мостот над Ибар, рече дека поддржува секакво слободно изразување на волјата на граѓаните и не сака да верува дека зад паролата зад која се одржуваше протестот на Албанците се крие нешто друго што нема конотација на мир. Тој оцени дека изградбата на „Паркот на мирот“ е чекор кон нормализација на состојбата во Косовска Митровица и ги повика приштинските власти да ја ублажат реториката, која довела до денешните демонстрации.
Градоначалниот на јужниот, албанскиот дел на Косовска Митровица, Агим Бахтари, сака да почека со давањето изјави до утре, за да види што ќе се случува натаму.