Најверојатно избегнат нов „шатдаун“
12 февруари 2019„Постигнавме генерална согласност“, изјави републиканскиот сенатор Ричард Шелби доцна вчеравечер во Вашингтон. Шелби преговараше во име на својата партија околу клучната точка во спорот за буџетот - финансирањето на ѕидот на границата кон Мексико. За деталите сѐ уште треба да се разговара. „Нашите соработници ќе работат трескавично на деталите“, уверува Шелби.
Демократката Нита Ловеј рече дека тоа би можело да трае до среда вечер. Таа не се изјасни околу критичното прашање на финансирањето на ѕидот. Соработник на Конгресот кој сака да остане анонимен, пак, рече дека за ѕид не се предвидени пари, туку се предвидени 1,37 милијарди долари за нови огради долж границата.
Американскиот претседател Доналд Трамп бара повеќе од пет милијарди долари за изградба на ѕид на границата кон Мексико. Демократите тоа го отфрлаат, но се залагаат за зајакнати мерки на обезбедување на границата. Рокот за изнаоѓање компромис околу ова прашање истекува на 15 февруари. Доколку не се постигне соглансост, се заканува нова блоката на буџетот, т.н. „шатдаун“.
Блокадата на буџетот која заврши на 25 јануари беше најдолиот „шатдаун“ во историјата на САД. Околу 800.000 вработени во американската администрација неколку недели не добиваа плата. Економските штети се проценуваат на најмалку 11 милијарди долари.
Повеќе:
САД не смеат да ја заборават бесмислената безобѕирност на Трамп
Привремено решение за „шатдаунот“ во САД
Во текот на викендот преговарачите се жалеа дека разговорите заглавиле. Со тоа се зголеми загриженоста дека можеби повторно ќе дојде до „шатдаун“. Сега надежта за надминување на блокадата е повторно разгорена. Меѓутоа, дури и ако републиканците и демократите во Конгресот постигнат согласност, претседателот Трамп би можел и натаму да блокира, со тоа што би одбивал да стави потпис врз буџетот. Преговарачот Шелби смета дека Трамп ќе се согласи со она за што ќе биде постигнат договор.