1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Некогашниот владин кварт – кампус на ОН

11 јули 2006

Бон, поранешниот главен град на Сојузна Република Германија, се’ повеќе добива интернационален белег

https://p.dw.com/p/AdVd
Бон- новото седиште со знакот на ОН
Бон- новото седиште со знакот на ОНФотографија: picture-alliance/ dpa

Комплексот на некогашното седиште на германскиот парламент, Бундестагот, дефинитивно повторно целосно заживува. Во објектите што беа наменети за потребите на Бундестагот од пред три години е нашава куќа – Дојче Веле. Кон брегот на Рајна во нашето соседство се крева 30 ката угоре „високиот Ојген“, зграда во која порано беа канцеларии на парламентот. Од денеска во неа официјално се сместуват 11 од вкупно 12-те организации на ОН.

„Овде во Бон имаме многу еколошки релевантни конвенции на ОН, со кои се разбира, соработуваме. Сега е сосем едноставна секојдневната размена на мислења. За што и да треба да разговараме со колегите, тие се тука, во зградава“ – укажува Михаел Кжиновски, раководител на Европскиот еколошки и здравствен центар на Светската здравствена организација.

Овој кампус на светската организација ќе биде проширен и со изградбата на голем конгресен центар, непосредно пред објектот со пленарната сала на стариот Бундестаг.

Германската влада, по преселбата на најголемиот дел од нејзините министерства и служби од Бон во Берлин, пред три години реши бесплатно и на трајно користење да им го предаде „високиот Ојген“ на ОН. „На почетокот на 90-тите години сојузната влада се потруди во Бон да привлече меѓународни организации со нудење објекти и финансиска подршка. ОН радо прифатија такјва понуда“ – вели Џон Хеј, раководител на одделот за комуникации на Секретаријатот за клима во Бон.

ОН дојдоа во Бон во 1995-та година и оттогаш постојано го прошируваат своето присуство. Со сегашните 12 организации, Бон станува германски град на ОН и се надева дека еден ден ќе биде и еден од големите меѓународни центри на светската организација. Реконструкцијата на објектот чинеше 55 милиони евра, амбиентот во него во голема мера е задржан, оти објектот е заштитен како споменик. Од ресторантот на 29-от кат се протега прекрасен поглед врз реката Рајна, регионот Зибенгебирге и во убави денови како денешниов, се’ до катедралата во Келн.