1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата ЦЕФТА без Србија и Босна и Херцеговина?

10 ноември 2006

Србија и БиХ не го парафираа усогласениот предлог и го доведоа под прашање потпишувањето на спогодбата за проширување на ЦЕФТА

https://p.dw.com/p/AdhH

Премиерите на земјите од Југоисточна Европа на 19-ти декември годинава во Букурешт треба да ја потпишат спогодбата за проширување на ЦЕФТА - Договорот за слободна трговија во Централна Европа. Но, барем во моментов, прашање е дали тоа ќе го сторат сите шефови на влади од регионот .

Србија и Босна и Херцеговина синоќа го доведоа под прашање потпишувањето на спогодбата, оти одбија да го парафираат усогласениот предлог. Другите земји – Македонија, Бугарија, Романија, Молдова, Црна Гора, Хрватска, Албанија и УНМИК како претставник на Косово потпишаа заеднички записник дека договорот останува отворен за тие две земји да го потпишат во Букурешт, доколку до средината на декември се премислат. Но, содржината на договорот нема да се менува.

Србија и Босна и Херцеговина, инаку, бараат дополнителни договори - Србија за режимот на увоз на цигари, Босна и Херцеговина за месо и млеко. Обете земји, всушност, бараат поповолна позиција отколку што ја имаат во билатералните договори со земјите што треба да и’ се приклучат на обновената и проширена ЦЕФТА.

Хрватска не попушта пред барањата на Србија, заедно со изедначувањето на акцизите на увозните и на домашните цигари, значително да се зголемат српските царини за тутунските производи. “Нашата натамошна либерализација на пазарот ја условуваме со либерализација на пазарот во регионот, а првенствено мислиме на Хрватска”, вели шефот на српската делегација, помошик-министерот за економски одоси со странство Влатко Секуловиќ. Тој наведува дека во моментов Србија се штити од увозот на цигари со 15 насто, Хрватска со 38, а ЕУ со 58 проценти, па изедначувањето на акцизите би им нанело штета на српските производители и извозници на цигари.

Србија и Хрватска не го прифатиле барањето на Босна и Херцеговина до 2009-та година да се задржи повисоко ниво на заштита на увозот на млеко и месо на босанскиот пазар.

Договорот за ЦЕФТА, што треба да биде потпишан во Букурешт, ќе стапи на сила наредното лето, но тогаш веќе таму нема да припаѓаат Бугарија и Романија, кои треба на 1-ви јануари да станат членки на ЕУ.