Нотр Дам: Пожарот целосно изгаснат
16 април 2019Ако пеколот беше некое место на Земјата... тогаш би можело да изгледа како огнената катастрофа на Богородичната црква во Париз. Пламените јазици успеаја да уништат нешто што не можеа две светски војни, и пеплосаа 800 години историја. Кога една од препознатливите кули на Нотр Дам се урна во пожарот, луѓето во Франција и ширум светот беа ужаснати.
Погледнете го видеото за огнениот пекол на Нотр Дам:
Во Париз илјадници луѓе се собраа во близина на црквата - многумина шокирани од размерите на пожарот. Им се придружи и францускиот претседател Емануел Макрон. Тој ги увери Французите дека Богородичната црква во Париз ќе биде обновена:
„Пред повеќе од 800 години, бевме во можност да ја изградиме оваа катедрала и да ја надградуваме и подобруваме во текот на вековите. Затоа вечерва овде официјално ви велам: ќе ја обновиме катедралата, сите заедно. И ова веројатно е дел од француската судбина. И проектот што ќе го имаме во наредните години. Но, јас сум посветен на тоа. Од утре ќе биде лансирана национална кампања за прибирање финансиски средства“, порача францускиот претседател.
Околу 400 пожарникари се бореа да ги спасат главните камбанарии на црквата. Тие, побрзаа од пламените јазици да ги извлечат и религиските реликвии и бесценетите уметнички дела сместени во Богородичната црква во Париз. Огнот екстремно брзо се прошири на покривот. Се смета дека тоа е поради дрвените греди кои датираат од 12-от век.
Подоцна, дојде и по некоја добра вест. Пожарникарите објавија дека основната структура, фасадата и камбанариите се спасени. Овие напори, беа поздравени од граѓаните кои ја следеа тековната катастрофа.
„Католиците, верниците или неверниците, сите споделуваме истата приврзаност кон Нотр Дам, бидејќи таа е обележје на француската историја. Таму се собиравме и во радост и во тага низ нашата историја“, изјави свештеникот Пјер-Ерв Гросжан. Туристката од Еквадор, Синди Ортега, пак растажено вели: „Ова е крај на една ера, на дел од историјата и архитектурата. Исклучително несреќен момент. Ова е нешто за што ќе тагува целиот свет“
Загубата на ова парче од светското наследство погодува многу луѓе, не само на улиците на Париз.