ОН бараат Дамаск да направи прв чекор
3 октомври 2012Бан Ки Мун овој апел го упатил при разговорот во Њујорк со сирискиот министер за надворешни работи Валид ал-Муалем, кој пак ветил дека оваа порака ќе му ја пренесе на раководството во Дамаск, соопшти заменикот на Генералниот секретар на ОН, Јан Елиасон.
Според мислењето на Обединетите Нации, првиот чекор за запирање на насилството мора да потекне од сириската влада, а потоа мора да следува сличен чекор од страна на опозицијата, истакна Елијасон.
Ова би ги зголемило шансите да дојде до придвижување на политичко ниво. Покрај тоа, Елијасон најави дека меѓународниот специјален пратеник за Сирија, Лакдар Брахими, од наредната недела ќе започне да работи од Каиро.
Бројот на убиени лица во Сирија од почетокот на бунтот против режимот на претседателот Башар ал-Асад, пред повеќе од една и пол година, во меѓувреме надминал 31 илјада.
Шефот на Сирискиот центар за набљудување на човековите права, сместен во Лондон, Рами Абдел Рахман, сооопшти дека од почетокот на конфликтот, кон средината на март минатата година, загинале над 22.200 цивили, приближно 7.600 војници и околу 1.200 дезертери.
Само во септември во Сирија се убиени 4.727 лица, што е сепак помалку отколку во текот на август, кој се води како најсмртоносниот месец од почетокот на бунтот.