1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН бараат повеќе пари за сириските бегалци

ЖА/дв/дпа/ртре3 јули 2014

ОН од меѓународната заедница побараа повеќе пари за сириските бегалци. Терористичката организација ИДИЛ во меѓувреме под своја контрола стави големи делови од источниот дел на земјата.

https://p.dw.com/p/1CVNC
Фотографија: Guy Degen

ОН побараа од донаторите да издвојат поголеми суми финансиски средства како помош за милионите бегалци сирискиот конфликт. За тековнава година недостигаат уште околу 70 проценти од потребните средства, предупреди Високиот комесар на ОН за бегалци, Антонио Гутереш во Женева. Светот не смее да ги остави сириските бегалци на цедило, апелираше комесарот.

Досега се собрани околу 1,1 милијарди долари како итна помош за прифатните логори во Либан, Јордан, Турција, Ирак и Египет. Но, за оваа година се потребни над 3,7 милијарди долари. Со парите треба да се обезбедат прехранбени продукти, вода, лекови, сместувалишта.

Во меѓувреме во странство се регистрирани над 2,9 милиони бегалци од Сирија. Тие бегаат пред трупите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, но и пред различните терористички бунтовнички групи. Во рамките на земјата во бегство се околу седум милиони луѓе. Терористичката организација ИДИЛ под своја контрола веќе има голем дел од источниот дел на Сирија. Џихадистите од организацијата „Исламска држава“ воспоставија контрола врз еден од најголемите нафтени полиња во земјата „Ал Омар“, соопшти невладината организација Сириски центар за набљудување на човековите права. Наоѓалиштето во Источна Сирија било зазамено откако од таму се повлекле соперничките групи.

Џихадистите веќе контролираат поголем дел од нафтената провинција Деир ал Зур, каде што се наоѓа полето „Ал Омар“. Според Центарот, во нивни раце се и повеќето од останатите наоѓалишта во тој регион.