1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН нема да ја сменат Анџелина Џоли

3 декември 2010

Здружението „Жени-жртви на војната“ од БиХ, до ОН побараа Анџелина Џоли да не биде веќе амбасадор на добра волја на УНХЦР, затоа што „нема кредибилитет“. ОН велат дека се сосема задоволни од Џоли. За што се работи?

https://p.dw.com/p/QOtA
Анџелина Џоли за време на снимањето на филмот „Безимена љубовна приказна“Фотографија: dpa

Контроверзите околу првиот филм на Анџелина Џоли како режисер, во Босна и Херцеговина не стивнуваат. Снимањето предизвика незадоволство меѓу жртвите на војната во БиХ, што предизвика проблеми и откажување на неколку сцени. Министерот за култура на Федерацијата БиХ Гаврило Граховац таквата одлука ја донесе затоа што тоа од него го барале членките на здружението на жртви, кои утврдиле дека филмот ги навредува жените кои биле жртви на силување во БиХ. Откако Џоли го проследи оригиналното сценарио до Министерството, во кое не постоеле сцените кои предизвикале проблеми, дозволата за снимање беше обновена, но претставниците на „Жени-жртви на војната“ се незадоволни поради тоа што Анџелина Џоли не се состанала со нив за да ги реши несогласувањата.

Новото филмско остварување на Анџелина Џоли има болна и невообичаена приказна

Филмот на Џоли зборува за односот помеѓу жртвата и насилникот.

„Филмовите за страдањето на луѓето во БиХ, преку уметничка катарза, ги враќат во фокусот незавршените страдања на жените - жртви на војната, кои не ретко остануваат заборавени во нивната болка, на маргините на моменталните социјални случувања. Така, прашањето на филмот на Анџелина Џоли е нешто што е надвор од нејзината работа. Тоа не е нешто што има врска со нејзините одговорности околу ОН“, вели за Дојче веле портпаролот на ОН во Њујорк, Фархан Хак. Се разбира се работи за користење уметничка слобода, за да се допре некоја нова, вонинституционална димензија на жртвите.

Познатиот италијански филм „Ноќен вратар“, снимен 1974 година, кој исто така го режираше жена - Лилиана Кавани, со Шарлот Ремплинг во главната улога, зборуваше за љубовна драма на силувани жени. Во таа филмска приказна, Луциа, после ужасите на нацистичките логори, неколку години подоцна, во Виена, се среќава со својот мачител Макс. Тој е поранешен ЕсЕс-офицер, кого го глуми Дирк Богард. Од се‘ тоа беше креирана незаборавна филмска приказна, која сепа,к со вкус на контроверзи, ги надживеа своите критичари.

Flash-Galerie Angelina Jolie am Set in Budapest
Снимањето на филмот е завршено, а најголемиот број сцени се снимени во УнгаријаФотографија: picture alliance / dpa

Но, како и во секое уметничко дело, животот е само основа за изградба на приказната и сè друго е резултат на авторска имагинација: во овој случај - филмска фикција. Во овој контекст треба да се потсетиме на филмот „Грбавица“, на сараевската режисерка Јасмила Жбаниќ за кој доби „Златна мечка“ на филмскиот фестивал во Берлин во 2006 година.

Затоа, ОН нема да се занимаваат со филмот на Анџелина Џоли, на начинот кој што некои посакуваат, без оглед на тоа што славната холивудска актерка е нивна амбасадорка на добра волја. Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Фархан Хак, за Дојче веле, вели дека тоа прашање воопшто не се нашло на дневниот ред на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун:

Анџелина Џоли си ја работи својата работа

„Анџелина Џоли е амбасадор на добра волја на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР), таа патуваше низ светот за да направи важна работа во името на УНХЦР и го нагласи она што им треба на бегалците. Сега високиот комесар за бегалци Антонио Гутереш треба да одлучи дали таа ќе продолжи со својата работа, со статус амбасадор на добра волја. Но, сигурно е дека УНХЦР е многу задоволен од нејзината досегашна работа“, изјави портпаролот на ОН во Њујорк.

Flash-Galerie Angelina Jolie in Bosnien Herzegowina
Анџелина Џоли за време на една посета на БиХ како амбасадор на УНХЦРФотографија: UNHCR/Aziz

Воздржувајки се од секаков естетски или морален коментар, Фархан Хак, ја нагласува јасната разлика меѓу Анџелина Џоли како филмски работник, и почесен амбасадор на ОН:

„Прашањето за филмовите на Анџелина Џоли е нешто што е надвор од нејзината работа. Тоа не е нешто што има врска со нејзините одговорости во ОН.“

Но, кога станува збор за додатни емоции, кои се поврзани за жртвите од војната, конкретно - т.н. продолжено страдање на силуваните жени во БиХ, портпаролот на Светската организација во Њујорк потсетува дека многу сторители на воени злосторства, вклучувајќи ги и злосторствата силување во војната во БиХ, веќе биле осудени пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.

(Не) одговорност на владата во БиХ

„Нашиот водечки глас, кој во ОН ја предводи борбата против насилството врз жените и неговата употреба како инструмент на војната, е Маргарет Валстром," вели Хак. Тој вели дека нема ништо да додаде во ставот на Валсторм, според кој прашањето за насилство врз жените е „прашање на злосторства, а не културолошко прашање“, и таа нагласува дека тоа не е само женско прашање, туку прашање на човековите права.

Минатиот месец, при својата прва посета на Сараево, помошникот на генералниот секретар на ОН за борба против насилство врз жените, Маргарет Валстром, побара од властите во БиХ побрзо судско гонење и осудување на сторителите на силување и монструозни злосторства извршени врз босански жени во минатата војна.

Автор: Ерол Авдовиќ / бета / Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска