ОН немоќни пред насилството во Сирија
4 август 2012Генералното собрание на ОН во нова резолуција го укори Советот за безбедност, дека сторил премалку во сирискиот конфликт. Јавно осуден истовремено беше и односот на сириската влада против сопственото население и крвопролевањето.
„Првиот чекор за прекин на наслиството мора да го направат сириските власти“, се вели во резолуцијата на ОН, која вчера беше усвоена со големо мнозинство. Владата во Дамаск е повикана да го држи под контрола хемиското и биолошко оружје. Истовремено се осудени нападите на сириските трупи, милициите и тајните служби врз деца, како и зголемената употреба на тешко оружје како тенкови и хиликоптери.
Во текстот се укорува и „неспособноста на Советот за безбедност“ да реагира во конфликтот. Резолуцијата е поддржана од 133 од 193 земји членки на ОН, 12 земји беа против, а 31 воздржани. Предлогот приложен од арапските држави првично предвидуваше и барање за оставка на сирискиот претседател Башар ел Асад, како и повик за санкции против Дамаск. Овие две централни точки меѓутоа се изземени поради задршките на Москва и Пекинг. Кина и Русија како постојани членки блокираат со вето правно обврзувачки резолуции и во Советот за безбедност на ОН.
Пред гласањето, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун го потсети Генералното собрание на последното разгорување на насилството во Алепо. Притоа тој направи паралели меѓу неуспехот на меѓународната заедница во случајот со Сирија и неспособноста да се заштитат луѓето од масакр на Балканот во Сребреница и во Руанда. Сирија, според него е „нов тест“ за ОН и се надева дека овојпат нема да падне на него, изјави Бан во Њујорк.
Ахтисари можен наследник на Анан
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ја поздрави усвоената резолуцја. Меѓународната заедница не е подговена, да молчи за насилството во Сирија и војната на режимот на Асад против сопственото население, изјави министерот. Истовремено големото мнозинство во Генералното собрание е силен апел до Советот за безбедност, конечно да преземе одлучни мерки против насилството во Сирија и да форсира почеток на политички процес, нагласи Вестервеле. Тој истовремено ја повика опозицијата во Сирија „на итно единство“.
Сирискиот амбасадор во ОН Башар Џафари негативно реагираше на резолуцијата. Гласањето било „театар“, изјави тој пред новинарите.
По оставката на специјалниот пратеник за Сирија Кофи Анан меѓународната заедница прави напори за изнаоѓање нов претставник. Како можен наследник се споменува името на поранешиот фински претседател и носител на Нобеловата награда за мир Марти Ахтисари.