ОН: Однесувањето на Гадафи е неприфатливо
28 февруари 2011Комесарот за човекови права при ОН Нави Пилај ја повика меѓународната заедница да ги поддржи реформите во арапските земји. Меѓународната заедница има голема одговорност да пружи поддршка со зборови и дела за спроведување на неопходните реформи во северна Африка, рече денеска Пилај на отворањето на годишната седница на Советот за човекови права на ОН во Женева. Централна тема на средбата е состојбата во Либија, каде според Пилај се’ уште се заканува опасност за насилно потиснување на цивилите. На советувањата во Женева се присутни и американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон, како и повеќемина европски министри за надворешни работи. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претпладнево исто така го осуди насилството врз цивилното население во Либија. „Примената на воена сила врз граѓаните е неприфатлива“, подвлече Лавров во Женева.
Протестите продолжуваат, а се таложат и санкциите
Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон се заложи за брзо спроведување на санкциите што ги усвои Советот за безбедност на ОН и подвлече дека „човековите права се универзални“. Меѓу санкциите се вбројуваат забрана за влез, блокирање на сметките како и ембарго за оружје.
Во Либија инаку и денеска продолжија борбите меѓу востаниците и трупите на Моамер ел Гадафи, а владата во Париз соопшти дека уште денеска за Бенгази ќе испрати два авиона медицинска помош, како и лекари и медицински персонал. Во меѓувреме соседен Тунис се соочува со се’ поголем наплив на бегалци. Според проценките на ОН, изминатите недели околу 100.000 лица ја напуштиле Либија.
Автор: АТ/ ЖА/ дпа/ афп/ројтерс
Редактор: Трајче Тосев