ОН - се‘уште далеку од милениумските цели
26 септември 2008Кога се работи за реализирањето на милениумските цели, за Хајдемари Вичорек Цојл чашата е дополовина полна. Во борбата против сидата, маларијата и туберкулозата здравствените државни фондови постигнаа многу, изјави министерката. Освен тоа, во Африка сега училиште посетуваат 29 милиони деца повеќе. Од друга страна, годишно се‘уште десет милиони деца не ја преживуваат петтата година, а 600 илјади жени од година во година умираат за време на бременоста.
За ова не се причина само недоволните финансиски средства, туку и политичките прилики во некои земји, изјави Вичорек Цојл пред новинарите.
„Државите во кои се води граѓанска војна имаат најголеми тешкотии да ги постигнат милениумските цели. А донаторите мора подобро да се координираат, за да се подобри ефикасноста и квалитетот на нашата соработка во областа на развојот.“
Целите се сепак достижни
Хајдемари Вичорек Цојл во воведното излагање за реализираното во милениумските цели во делот за Африка апелираше на совеста. Таа пледираше за поодговорни влади кај неразвиените земји, а кај земјите кои даваат пари, со оглед на актуелната финансиска криза, да не ги доведат во прашање даданите ветувања, напротив:
„Јас тоа го гледам обратно. Секој разумен човек би се прашал, ако на американската влада и на Конгресот им успее со троцифрени милијарди да го спасат банкарскиот систем, зошто не би било можно меѓународната заедница да мобилизира такви суми за да го спаси светот од глад и сиромаштија и од идни војни?, прашува Вичорек Цојл.
И парите, кои генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги побара за Африка, 72 милијарди долари или 50 милијарди евра годишно, според германската министерка за развој не се недостижни. Таа има искуство во оваа област, зашто со години се обидува да помогне, секојдневно движејќи се во телата на Светската банка и на другите институции за развој.
Договор против затајувањето данок
Во Њујорк таа сака да се најде и дополнителен извор за пари:
„Јас сакам да постои меѓународен договор, зад кој ќе стојат сите оние, и од индустриските и од државите во развој, кои сакаат да го спречат затајувањето на данок. На двете страни овој феномен годишно однесува близу 500 милијарди долари. Тоа значи, тоа се суми кои би биле остварливи, како во нашите земји, така и во оние во развој“, објаснува германската министерка за развој Хајдемари Вичорек Цојл.