1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН со докази за брутални злосторства во Северна Кореја

АТ/ дпа/ртре17 март 2014

Властодржците на Северна Кореја треба да бидат изведени пред суд, сметаат експерти на ОН. Партиското и државно раководство е директно одговорно за злосторствата, како систематско измачување, масовни убиства и силувања.

https://p.dw.com/p/1BR7c
Фотографија: picture alliance/AP Photo

До овој заклучок дојде „Извештајот на истражната комисија за човекови права во Деморкатска Народна Република Кореја“, кој денеска (17.03.) беше доставен до Советот за човекови права на ОН во Женева. Досега најопсежната истрага на оваа тема се темели на голем број изјави на сведоци со кои се регистрираат злосторствата на режимот во Пјонгјанг врз широки делови на населението.

Партиското и државното раководство под Ким Јонг Ун директно е одговорно за злосторствата, како систематско измачување и масовни убиства, појасни раководителот на Комисијата за Северна Кореја на ОН Мајкл Кирби во Женева.

Стотици илјади мртви

Во извештајот исто така се вели дека Северна Кореја е тоталитарна држава во која луѓето кои сметале дека режимот е политички непогоден, биле систематски убивани или злоупотребувани како работни робови, измачувани, силувани и прегладнети.

Кон ова по налог на партиското и државното раководство се одржувал систем на казнени логори со моментно до 120.000 затвореници. Речиси никој жив не ги напуштал овие логори. Комисијата проценува дека во изминатите 50 години во логорите умреле стотици илјади затвореници.

Австралискиот правник Кирби ги споредува злоделата со делата на германските националсоцијалисти во времето од 1933 до 1945. „Никогаш повеќе“ се заколна светот во 1945 година. „Никогаш повеќе“ се бараше и по апардхеидот во Јужна Африка и крволочниот терор на Црвените кмери во Камбоџа. Сепак човештвото во 21 век во Северна Кореја било соочено со сличен „срамен камшик“.

Кирби апелираше до меѓународната заедница да се преземат правни мерки против властодржеците во Северна Кореја. Со оглед на злосторствата против широки делови од населението, Меѓународниот кривичен суд во Хаг е вистинската инстанца за истрага против раководството на Северна Кореја.

Европската унија ја подржува иницијатива за вклучување на Хашкиот суд. Дипломатите меѓутоа сметаат дека е малку веројатно Советот за човекови права на ОН на крајот на пролетната седница во Женева - на крајот на март, да усвои резолуција, од која ќе произлезе барање до Советот за безбедност на ОН да му даде налог за истрага на Меѓународниот кривичен суд. Ваквото барање досега го одбиваат вето-силата Кина и редица африкански земји, кои не го признаваат Судот.