ОН ќе го испитуваат наводниот напад со хемиско оружје
25 август 2013Сириската влада има намера да допушти експертите за хемиско оружје на Обединетите нации да влезат во селата, кои измината среда (21.08.) биле бомбардирани со отровен гас. Државната новинска агенција Сана оваа информација денеска ја објави повикувајќи се на Министерството за надворешни работи, дека била постигната соодветна спогодба со ОН.
Кога треба да почне истрагата во областа источно од главниот град Дамаск, за тоа нема информации.
Безбедносната состојба во областите каде се водат борби се смета за многу лоша. Опозицијата вчера се произнесе, дека таа би можела да ја гарантира безбедноста на експертите на ОН во областите на бунтовниците.
Владата и бунтовниците во Сирија меѓусебно се обвинуваат дека се одговорни за нападот со хемиско оружје изминатата недела, при кој според податоци на организацијата Лекари без граници загинаа стотици луѓе.