1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Порошенко им ветува безбедносен коридор на руските борци

Александар Методијев/афп/ројтерс/миа7 јуни 2014

Новиот украински претседател Петро Порошенко во инаугуративниот говор рече дека нема да има компромис со Русија за проевропскиот пат на Украина и за статусот на полуостровот Крим. До Порошенко дојдоа првите критики.

https://p.dw.com/p/1CEJK
Фотографија: Reuters

„Крим беше и ќе остане украински“, нагласи новиот украински претседател во инаугуративниот говор, по што доби стоечки овации. Петро Порошенко тоа јасно му го нагласил на рускиот претседател Владимир Путин за време на нивната вчерашна (6.06) средба, за време на одбележувањето на 70-годишнината од истоварувањето на сојузничките војници на Нормандија.

Порошенко денеска во украинскиот парламент потенцираше дека сака да ја одржи целовитоста на неговата земја, бидејќи и на истокот на Украина му се заканува отцепување од страна на проруските бунтовници. Тој им вети на жителите во регионот Донбас, кој во голем дел е во раце на бунтовниците, дека ќе ја децентрализира власта и ќе гарантира слободна употреба на рускиот јазик. Петро Порошенко додаде и дека немирниот исток на земјата нема да стане федерална држава, како што заговара Москва.

Ukraine Präsident Petro Poroschenko Vereidigung 07.06.2014
Русија бара од Порошенко да бидат ослободени двајцата руски новинари, кои беа приведени вчера на истокот на УкраинаФотографија: Reuters

Украинскиот претседател ги повика сепаратистите да го положат оружјето и им вети безбеден коридор за враќање на руските борци дома.

„Не сакам војна, не сакам одмазда. Сакам мир и сакам мирот да се случи“, рече Порошенко во украинскиот парламент. „Ве молам, оставете ги пушките и ви гарантирам имунитет на сите кои ги немате натопено вашите раце во крв“, додаде тој.

Во однос на приближувањето на земјата кон ЕУ, новиот украински претседател рече дека наскоро има намера да го потпише економскиот дел од Договорот за асоцијација со ЕУ, што би бил прв чекор кон полноправно членство. Според него, Украина ќе се стреми колку што е можно побргу да стане полноправен член на Унијата. Воедно тој се заложи за нормализација на односите со Русија и истакна дека се додека тоа не биде направено, Украинците нема да се чувствуваат безбедно.

Ukraine Präsident Petro Poroschenko Vereidigung 07.06.2014
Порошенко подвлече дека сака нормализација на односите со Русија и што поскоро членство на Украина во ЕУФотографија: Reuters

Порошенко ја понижил Украина

Пратеничката од Националистичката партија „Свобода“ Ирина Фарион го обвини претседателот Порошенко дека го понижил украинскиот јазик со тоа што зборувал и на руски при обраќањето кога стапи на должноста.

Според неа, никогаш досега при положувањето заклетва не излегол ниту еден руски збор од устата на украински претседател. Порошенко денеска при полагањето заклетва за верност кон народот на Украина, зборувајќи им на жителите на Донбас, премина на руски јазик, соопштувајќи им дека наскоро ќе го посети регионот за да се воспостави дијалог со тамошните жители.

Москва, пак, го повика новиот украински претседател да се однесува според „принципите во демократското општество“ и да ослободи двајца руски новинари, кои се приведени на истокот на земјата. Руското Министерство за надворешни работи ја поздрави инаугурацијата, но не даде коментар за неговиот прв говор. Министерството во својата изјава се фокусираше на новинарите од телевизијата „Стар“, кои беа приведени вчера од страна на украинските власти под сомнение дека спроведувале разузнувачки активности.