1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приближување меѓу Индија и Пакистан по земјотресот

20 октомври 2005

Катастрофалниот земјотрес во регионот на Кашмир предизвика барем делумно надминување на старото непријателство меѓу Индија и Пакистан, кои речиси шест децении се спорат околу овој регион.

https://p.dw.com/p/AcgA
Загрижен граѓанин на Кашмир
Загрижен граѓанин на КашмирФотографија: AP

Сега врвните политичари на двете земји се договорија за олеснување на комуникацијата, па дури и минувањето на инаку речиси херметички затворената граница. Така членови на поширокот семејство од едниот или другиот дел на Кашмир можат да им помогнат на блиските во надминувањето на тешката состојба по земјотресот и постепената обнова на разурнатите домови.

Прва мерка од договорот што профункционира беше воспоставувањето на телефонскиот сообраќај. Во изминатите 15 години од индискиот во пакистанскиот дел на Кашмир и обратно можеше да се телефонира само со претходно специјално одобрение. Индискиот премиер Манмохан Синг сега овозможи создавање четири телефонски центри, преку кои две недели населението на Кашмир ќе може да телефонира со роднините од другата страна на границата без формални проседури, па дури и бесплатно.

„Толку сме благодарни што е изграден овој центар. Сега луѓето од двете страни на границата можат да разговараат и да дознаат како се роднините од другата страна„ – изјави Муктар Ахмад, кој беше прв корисник на новата можност.

Всушност Индија и Пакистан веќе две години разговараат за создавање поголема проточност на границата. Катастрофалниот земјотрес како да им го даде последниот поттик во таа насока:

„Ние сега решивме да овозможиме непречен пристап на луѓето од другата страна на линијата на примирје во нашиот дел на Кашмир. Ние дури би сакале и да отвориме и повеќе гранични премини од оној кај Шринагар. Ќе овозможиме на секој граѓанин на Кашмир да ја мине линијата и да помогне во обновата„ – изјави пакистанскиот претседател Первез Мушараф.

Индиската страна позивитно одговори на оваа идеја. Портпарол на владата во Њу Делхи порача дека таквиот предлог е на линија на индиската политика за овозможување поголема проодност на грницата. Треба само уште да се договорат конкретно мерките и формалната постапка.

Ова меѓутоа не значи дека сега сите непријателства се надминати и дека бројните воени единици од двете страни на линијата ќе се занимаваат само со хуманитарна помош и обнова на домовите.

„Иако нашите караули беа потолно разурнати, стражата продолжува сосема нормално„ – вели еден војник на индиската армија.

Индија имено стравува дека муслимански екстремисти ќе ја злоупотребат ситуација за навлегување на нејзина територија и вршење нови атентати. Дека таквиот страв е сосема оправдан, потврдува и најновиот атентат од вторникот, во кој исламски терористи го убија министерот за образование на индискиот дел на Кашмир.