1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Доњецк против претседателските избори

Е.М.Фиданоска /дпа/афп/миа25 мај 2014

Неколку илјади луѓе во градот Доњецк, во источна Украина, демонстрираат против претседателските избори кои денеска (25.05) се одржуваат во Украина, јави агенцијата Итар Тас.

https://p.dw.com/p/1C6Uv
Фотографија: Reuters

Покрај демонстрациите, во текот на кои една единица на проруски сепаратисти била поздравена со гласно славје, стотици проруски активисти вмарширале во резиденцијата на олигархот Ринат Ахметов. Тој потекнува од Доњецк и е најверојатно најбогатиот претприемач во Украина. Ахметов неодамна ги повика вработените (околу 300.000) во своите фирми да им се спротивстават на сепаратистите.

Во источниот дел на Украина проруските сили запоседнаа повеќе административни згради. На многу места владее страв, тврдат очевидци. Во големи делови од регионите во овој дел на земјата речиси нема можности за гласање. Во регионите Доњецк и Луганск живеат околу 6,5 милиони луѓе.

Голем интерес за изборите

Инаку, во останатите делови на Украина интересот за претседателските избори, на кои право на глас имаат 35 милиони граѓани, е огромен. Во Киев, Л‘вов, Харков и Одеса голем број гласачи се туркаа да го дадат својот глас веќе непосредно по отворањето на избирачките места. Гласањето трае до 19 часот по средноевропско време, а резултатите се очекуваат од 23 часот натаму. За обезбедување на досега најважните избори во Украина се грижат 100.000 полицајци и доброволци. Освен тоа, изборите ги набљудуваат 1200 меѓународни набљудувачи.

Ukraine Wahlen
Петро Порошенко е главен фаворит на претседателските избориФотографија: Reuters

Со напрегнатост се очекува дали фаворитот Петро Порошенко ќе освои апсолутно мнозинство гласови уште во првиот круг. Предвидувањата сепак одат повеќе во насока дека ќе има и втор круг избори, најверојатно на 15 јуни. Како главен противкандидат на олигархот Порошенко се смета поранешната премиерка Јулија Тимошенко.

Прозападното раководство на Украина, ЕУ и САД се надеваат дека изборите ќе придонесат за стабилизирање на ситуацијата во Украина.

Ukraine Wahlen
Витали Кличко по гласањето во Киев - тој важи за фаворит на изборите за градоначалник кои се одржуваат паралелно со претседателскитеФотографија: Reuters

Рускиот претседател Владимир Путин вчера во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд рекол оти ќе го „почитува резултатот од изборите“, соопшти Елисејската палата.

Загина италијански новинар

Во близина на украинскиот град Славјанск загина италијанскиот новинар Андреа Рокели, соопшти италијанското МНР. Новинарот го загубил животот во минофрлачки напад.

„За жал сите податоци со кои располагаме, покажуваат дека тој починал. Очекуваме само втора потврда, препознавање на телото“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи на Италија. При нападот загинал и неговиот преведувач Русин.

Повикувајќи се на повредениот француски фоторепортер Вилијам Рогелон, дел од западните медиуми синоќа објавија дека ранети во нападот биле и италијански репортер и еден преведувач. Според Рогелон, тројцата пристигнале на линијата на фронтот јужно од Славјанск и сакале да излезат од возилото, кога западнале под минофрлачки напад.