1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резултатите од изборите во БиХ - очекувани

Самир Хусеиновиќ/ Жана Ацеска13 октомври 2014

Според нецелосните резулати на изборите за членови на Претседателството на БиХ, водат Бакир Изетбеговиќ, Жељка Цвијановиќ и Драган Човиќ. Неизвесна е трката за член на Претседателството на БиХ од Република Српска.

https://p.dw.com/p/1DU2C
Фотографија: Reuters/Dado Ruvic

На општите избори во Босна и Херцеговина гласале 54,14 проценти од избирачите. На ентитетско ниво, во Федерацијата БиХ гласале 52,73 насто, а во Република Српска 56,94 насто од граѓаните со право на глас. Обработени се 76,52 проценти од избирачките места и според тврдењето на надлежните од Централната изборна комисија на БиХ, може да дојде до промени, посебно кога е во прашање изборот на српскиот, но и хрватскиот член на Претседателството на БиХ.

Кандидатот на Партијата за демократска акција (СДА), Бакир Изетбеговиќ добил најмногу гласови за бошњачки член на Претседателството на БиХ-194.455. Следат лидерот на Сојузот за подобра иднина (СББ) Фахрудин Радончиќ со 156.469 гласови и Емир Суљагиќ од Демократскиот фронт со 88.507 гласови.

Кога е во прашање српскиот член на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ од Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) има 154.656 гласови, а лидерот на Партијата за демократски прогрес (ПДП) Младен Иваниќ има 153.446 гласови. Според податоците на Централната изборна комисија, за хрватски член на Претседателството на БиХ води лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Драган Човиќ со 88.994 гласови пред лидерот на ХДЗ 1990 Мартин Рагуж кој добил 67.948 гласови.

Први реакции

Лидерот на СДА Бакир Изетбеговиќ веќе прогласи изборна победа. Претседателот на Социјалдемократската партија на БиХ (СДП), Златко Лагумџија им ја честиташе изборната победа на СДП со констатација дека според изборните резултати, партијата СДП, чиј кандидат Бакир Хаџиомеровиќ не влезе во државното претседателство, „заминала во опозиција“.

Изборна победа прогласи и лидерот на ХДЗ на БиХ Драган Човиќ, иако неговиот главен противкандидат Мартин Рагуж исто така очекува да биде победник по пребројувањето на сите ливчиња.

Wahlen in Bosnien-Herzegowina
Фотографија: Klix.ba

Кандидатот на Сојузот за промени за член на Претседателството на БиХ од Република Српска, лидерот на ПДП Младен Иваниќ е оптимист и верува во победа, иако според потпретседателот на СНСД Никола Шпириќ, може со сигурност да се најави изборната победа на Жељка Цвијановиќ.

Мобилните тимови на коалицијата „Под лупа“, невладина организација која го следеше текот на гласањето во БиХ, утврдиле дека имало извесни неправилности во текот на гласањето на одделни избирачки места, но „генералната оценка е дека процесот поминал добро“. Меѓународните набљудувачи уште не излегоа со оценки.

Нови сили и идеи

Политичкиот аналитичар Ибрахим Прохиќ вели дека изборните резултати се очекувани, посебно кога е во прашање изборот на членови на Претседателството на БиХ.

Wahlen in Bosnien-Herzegowina
Фотографија: Klix.ba

„Она што се претпоставуваше е дека СДП ќе биде најголемиот губитник на овие избори, зашто во изминатиот мандат не ги оствари ветувањата од 2010 година. Губитник би можел да биде и СНДС на Милорад Додик. Она што буди надеж е појавата на некои нови политички идеи и сили. Кога говорам за нови идеи, во прв ред го имам Мартин Рагуж и неговата ХДЗ 1990 која се обидува да направи некој вид идеолошка кохабитација меѓу етничкиот и граѓанскиот принцип, што за БиХ е вистинско решение во моментов“.

Прохиќ ја споменува и Наша партија, НС, која, како што тврди, нема да има посебен изборен легитимитет, но „суштински придонесува за поинаква, позитивна политичка култура“.

„Оваа партија кампањата ја градеше на нудење решенија, а не на оцрнување на политичките противници. Третиот фактор е Демократскиот фронт на Жељко Комшиќ од кој во многу ќе зависи каква ќе биде констелацијата на политичките сили посебно во Федерацијата на БиХ, но и на ниво на државата. Можеби најмногу од ДФ зависи дали политичката ситуација во БиХ ќе започне да се култивира“, вели Прохиќ за Дојче веле.

На општите избори во БиХ 2014 граѓаните избираа претставници за Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Претставничкиот дом на Парламентот на Федерацијата на БиХ, Народното собрание на РС, кантоналните собранија во Федерацијата на БиХ, како и претседател и потпретседател на Република Српска.