080611 UN Ban Porträt
21 јуни 2011Бан Ки Мун се чини дека има повеќе критичари, отколку симпатизери. Мненијата околу него се движат од пофалбите дека е внимателен, но упорен градител на мостови, па се’ до критиките дека е безобличен мекуш. За неговиот стил зборува и начинот како ја истакна кандидатурата за втор мандат како генерален секретар на ОН: „Би ми била голема чест, доколку можам да служам уште еден мандат.“
Неговиот избор се смета за речиси сигурен, бидејќи ја доби поддршката од петте постојани членки во Советот на безбедност на ОН и од Германија. Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле оцени дека Бан Ки Мун се залага за порамнување, фер односи и мирно надминување на конфликти.
Големи успеси изостанаа
Во досегашниот мандат генералниот секретар на ОН не може да се пофали со некои големи успеси. Кога го наследи харизматичниот Кофи Анан на функцијата во 2007 година, Бан вети мир на Блискиот Исток и во кризниот регион Дарфур. Од тоа досега нема остварено многу, исто како што не му појде од рака да го реформира огромниот апарат на Светската организација.
Тивкиот Кореанец остана сепак запамтен по ангажаманот за правата на жените. На Денот на жената, 8 март тој порача:
„Девојките и жените од целиот свет треба да знаат дека еднаквоста на родовите и еднаквоста во шансите што тие ги добиваат се неодминливи права!“
Бан се заложи и за нуклеарно разоружување. На една конференција на ОН на оваа тема, тој порача:
„Оваа тема предолго спиеше, затоа сега кревам тревога. Во поглед на атомското оружје потребен ни е конкретен план.“
Поддршка за „арапската пролет“
Освен тоа Бан се залагаше и за заштита на климата, иако за време на првиот негов мандат не беше потпишан нов договор за климата по оној од Кјото. Конечно, сегашниот генерален секретар ги поддржа и промените во арапските земји и на Блискиот Исток. Откако либискиот амбасадор при ОН се дистанцираше јавно од режимот на Моамер ел Гадафи, Бан изјави: „Бевме сведоци на невообичаен, историски миг во Советот за безбедност.“
Бан Ки Мун во неговата татковина, Јужна Кореја се нарекува „лизгава јагула“, додека во Њујорк го сметаат за „мекуш“, меѓу другото и затоа што стисокот на раката е сосема мек, а гласот му е многу тивок.
Автор: Клаудија Заре / Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска