1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светски социјален извештај на ОН

26 август 2005

Јазот меѓу богатите и сиромашните земји во светот, според проценките на ОН станува се поголем. Најновиот светски социјален извештај, претставен во Њујорк, покажува дека расцепот меѓу сиромашните и богатите во делот на поделба на ресурси, шанси за образование и здравствени услуги се повеќе расте.

https://p.dw.com/p/AewF
Фотографија: AP

Порастот е добар, само што треба да биде подобро поделен. Така гласеше една од главните тези на потсекретарот на ОН, Жозе Антонио Окампо при претставувањето на Светскиот социјален извештај 2005-та. Зашто, нееднаквоста, расцепот меѓу сиромашните и богатите, во последните 25 години станува се поголем:

“Јазот меѓу приходите на богатите, развиени земји и најсиромашните земји е драматично зголемен.“

Додека земји како Индија и Кина бележат бум, и сиромаштијата таму, барем статистички е значително намалена, африканските земји, јужно од Сахара, од 1993 година наваму уште повеќе заостануваат. А, оние што во т.н. трет свет и ќе успеат да најдат работа, се во поголемиот број случаи без договори за работа и без права:

“Нерегулираните работни односи не се многу зголемени само во сиромашните и во земјите во развој, туку во Африка се и екстремно високи, така што важат за четворица од вкупно пет вработени. Нерегулираните односи на работа се присутни во се повеќе земји.“

Нееднакво распределена е и самата работа – додека во индустриските нации невработеноста во последните 10 години опаднала од 8 на 6,8%, таа во некои регуони во светот пораснала:

“Невработеноста во сиромашните земји е повисока од невработеноста во развиените земји. Невработеноста е особено сериозен проблем во Јужна Америка и на Карипските острови. “

Младите во светот чинат застрашувачки 47% од вкупно 186 милиони невработени во светот. Она што исто така расте е јазот во платите меѓу оние што заработуваат многу и едноставните работници, меѓу подобро образованите и необучените работници, и тоа важи и за индустриските земји. Речиси една четвртина од сите вработени во светот, прима плата која не ја надминува границата на сиромаштија. Ваква нерамноправност, според Окампо може да доведе до социјални тензии и насилство. Не случајно граѓанските војни во сиромашните земји се почести.