1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сте биле ли во автомобилскиот град на Фолксваген?

9 јули 2010

Концернот Фолксваген добро се справува со кризата. Просторот на т.н. автомобилскиот град кој е најголем дистрибутер на возила и е врзан со фабриката во Волфсбург доживува бум во годината на десетгодишниот јубилеј.

https://p.dw.com/p/NmqG
Фотографија: DW

Фолксваген не го измислил автомобилот, но го демократизирал! Оваа вистина за најголемиот светски концерн за автомобили се чувствува на секој чекор во градот домицил - Волфсбург. Се’ што се движи е Фолксваген, а сите патишта водат до седумте фабрички капии на најголемата фабрика во светот каде под еден покрив се 48.000 работници. Огромните хали се распослани на 6,5 квадратни километри или површина колку што има Гибралтар. Тие се, инаку, само парче од концернот кој произведува и на другите континенти. За да се види комплетниот производен процес потребни се 60 часови со специјален минибомил. Оваа привилегија ретко кој ја има, зашто се’ што тука се случува е најблаго речено строго доверливо. Не е дозволено фотографирање, снимање и за изјави е задолжен само врвот на концернот. Во едночасовната обиколка на дел од погоните, организирана од службата за гостите на автомобилскиот град, може да се види дека роботите го имаат главниот збор во деликатните заварувања. За завршната контрола, меѓутоа, и натаму одлучува човечкиот фактор.

Autostadt Wolfsburg
Вака е во внатрешноста на стаклената кула каде возилата 24 часа чекаат на своите сопственициФотографија: DW

Кули кои влегоа во Гинис

По последниот „чекинг“, возилата преку подвижна лента и низ стаклениот тунел стигнуваат во оригиналните паркиралишта - две стаклени кули кои станаа симбол на автобилскиот град кој, инаку, е споен со индустрискиот гигант.

„Со нашите речиси 50 метри високи стаклени кули што се значаен дел од ареалот и се симбол за Волксваген, создадено е паркиралиште за клиентите кои ги подигаат возилата. Овие кули се во Гинисовата книга на рекорди. Имаат 20 ката. Целосно се автоматизирани и тука се сместуваат до 800 возила, најдолго два дена пред нивното подигање од страна на купувачите“, објаснува Кристијан Кауерс, портпарол и одговорен за контакти со јавноста на автобилксиот град.

Lуѓе, автомобили и она што ги движи

Автомобилскиот град, инаку, е комуникациска платформа на концернот. Распослан е на 25 хектари, а негово мото е: луѓе, автомобили и она што ги движи. Овој лајт мотив е присутен уште од отворањето во јуни 2000 како придонес на Волксфаген на ЕКСПО во Хановер.

„Градот на автомобили самиот за себе е вистинска тематска изложба и на крајот на деведесеттите и со отворањето во 2000-тата, беше пионер на ваквата презентација и комуникациски инструмент со клиентите, деловните партнери на претпријатието, публиката. Вакво нешто дотогаш немаше“, коментира Кауерс, според кого, во изминатата деценија ареалот постојано се развива и сега е етаблиран како најпривлечна туристичка дестинација каде покрај автомобилите, во старата централа на јаглен, се приредуваат културни настани и функционира Мувименто Академијата. За 10 години тука имало 20 милиони посетители.

Autostadt Wolfsburg
Се‘ е автоматизирано. Дел од лифтот компјутерски стигнува до бараното возило!Фотографија: DW

Во текот на 363 дена во годината, доаѓаат просечно до 6.000 гости. Дневно се подигаат 600, или годишно 200.000 нови возила - директно на клиентите или на трговците.

„Автомобилскиот град секако има значајна улога во дистрибутивната мрежа на Фолксваген. Од постоењето на двете стаклени кули продадени се 1,5 милиони автомобили, со што сме најголем дистрибутер во светот“, коментира Кристијан Кауерс.

Парковите, каналите и рестораните , времепловот на возила и салоните на одделни марки, концерн-форумот, пјацата и детските рели писти - се’ е во функција на актуелниот купувач. Но, и на оној потенцијалниот, кој со друга марка возило пристигнува како придружба. Според анализите, тој заминува целосно импресиониран и со разбуден „апетит“ да се преориентира, што е добар сигнал дека ќе се врати и ќе биде еден од милионите кои возат Фолксваген!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска