Тадиќ: Белград има две цели и ниедна нема да биде жртвувана во име на другата
24 септември 2011Двете цели, според српскиот претседател Борис Тадиќ, се остварливи и би „било глупаво кој било да помисли дека една од тие цели ќе биде жртвувана за другата цел“.
„На другите е да одлучат дали сметаат дека реализирањето на овие две цели е добро за целиот регион и неговата стабилност. Ние сме уверени дека е тоа во интерес на сите“, порача Тадиќ.
Српскиот претседател рече дека е уверен оти неговата земја ги исполнила сите услови за добивање статус на кандидат за ЕУ и дека е подготвена да почне пристапни преговори.
Што се однесува до прашањето на Косово, Тадиќ рече дека во наредните месеци претстојат бројни теми за кои Белград и Приштина мора да разговараат и додаде дека Србија во тој дијалог ќе биде многу активна. Тој изрази очекување дека КФОР и ЕУЛЕКС ќе ја задржат неутралноста, што е во согласност со нивниот мандат. Српскиот претседател подвлече дека треба да се решат четири главни прашања - проблемот на српското население на северот на Косово, имплементацијата на децентрализацијата на Косово, статусот на Српската православна црква и проблемот на имотите. „Му се радувам на денот кога ќе можат да застанам овде и да соопштам дека сме ги решиле овие прашања и дека сме пронашле компромисно решение прифатливо за сите, а не неметнато, со кое една страна би добила се‘ што сакала, а другата ништо“, кажа Тадиќ во ОН.
Автор: ЕМФ/ЖА/бета
Редактор: Ж. Ацеска