Доналд Трамп подобро да не го сретне Џо Бајден
22 март 2018Во својот говор на Универзитетот Мајами во Корал Габлес, посветен на сузбивањето на сексуалното насилство во образованието, поранешниот американски потпретседател Џо Бајден изјави:
„Човекот кој на крајот стана наш државен претседател, своевремено изјави: 'Би можел да допирам некоја жена насекаде и нејзе тоа ќе ѝ се допаѓа'. Да сум со него заедно во училиште, би го начекал зад спортската сала и добро би го истепал.“
Бајден притоа мислеше на тонска снимка со изјавата на Трамп, обелоденета во 2016. година, во која тој десет години претходно на вулгарен начин зборува за жените. Трамп потоа јавно се извини, но постојано го следат обвинувања за сексуални напади и вознемирувања на жени, моментно против него постојат три тужби од поранешни модели, односно порно ѕвезди.
Реакцијата на Трамп на изјавата на Бајден не требаше долго да се чека: „Лудиот Џо Бајден се обидува да изигрува силен тип. Но, тој е како духовно, така и телесно слаб. Па и покрај тоа, ми се заканува веќе вторпат со физичка сила. Тој не ме познава, но ќе се најде на земја и ќе плаче. Не им се заканувај на луѓето, Џо!“, напиша американскиот претседател на Твитер.
Бајден во времето на претседателството на Барак Обама беше вицепретседател, а постојано се шпекулира околу негова претседателска кандидатура во 2020. година.