1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три години граѓанска војна во Сирија

ЖА/дв/дпа/ртре/афп 15 март 2014

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун побара од Русија и од САД да ги обноват мировните преговори за Сирија. Граѓанската војна таму беснее веќе три години, а крај не е на повидок.

https://p.dw.com/p/1BQH3
Фотографија: Reuters

„Политичкиот процес се наоѓа во криза“, изјави генералниот секретар на ОН во Њујорк. Претходно Бан Ки Мун, заедно со специјалниот пратеник за Сирија, Лакдар Брахими, го информираа Генералното собрание за актуелната ситуација во земјата во која владее граѓанска војна.

„И по втората преговарачка рунда ниедна од страните во конфликтот не покажа подготвеност за компомис или вистинска свест за страдањата на сирискиот народ“, се пожали Бан. Тој смета дека Русија и САД, како посредници во преговорите, треба да преземат повторно чекори за заживување на процесот на разговори.

Втората рунда разговори меѓу претставниците на сириската власт и на опозицијата во средината на февруари во Женева заврши без никакво приближување. Претставниците на завојуваните страни не можеа да се договорат ниту за темата на средбата: додека владата сакаше да разговара за спречување на тероризмот, опозицијата инсистирашена дискусија за формирање преодна влада. Датум за трета рунда преговори воопшто не беше ни договорен.

Пред три години почнаа првите протести против Асад

Оваа сабота се навршуваат три години од почетокот на протестите против сирискиот претседател Башар ал-Асад. Во граѓанската војна, во која прераснаа протестите, досега загинаа повеќе од 140 илјади луѓе. Околу девет милиони цивили се протерани од своите домови или ги имаат напушетно барајќи заштита од насилствата. Со тоа, граѓанската војна во Сирија ја предизвика досега најголемата бегалска драма во светот.

Програмата за храна на ОН се обидува да го снабди населението на Сирија со најнеопходното. Но, многу од пратките со помош не стигнуваат до својата цел поради воените услови.

Попуштање на тензијата не е на повидок: според информации од воени извори, сириската армија напредува во едно од најважните бунтовнички упоришта во провинцијата Дамаск. Војниците вчера го поминале влезот кон Џабруд, северно од сирискиот главен град и навлегле по главната сообраќајница. Бунтовниците се подготвуваат да се повлечат на југ. Веројатно е само уште прашање на денови, кога градот, кој досега беше под контрола на бунтовниците, ќе биде заземен од сириската армија.