Со хумор против политичките фрустрации
2 април 2014Корупциски скандали, масовни демонстрации, забрана на Твитер и Јутјуб... Додека на турската политичка сцена еден по друг се редат скандали, народот и уметниците на сето тоа реагираат со многу духовитост. Преку графити, стрипови и музика, многу Турци, инспирирани од политичката криза, го доживуваат врвот на својата креативност. Не се само професионалните уметници оние кои го доживуваат творечкиот зенит, туку во тоа колективно изразување на незадоволство се вклучуваат и обичните луѓе. Многу граѓани своите ставови и незадоволство ги објавуваат на ѕидовите на зградите во облик на стритарт или пак на своите компјутери креираат сатирични стипови кои подоцна преку интернет стигнуваат до поширока публика.
И музичката сцена е исполнета со песни во кои се критикува владата. Само во Истанбул во алтернативните ноќни клубови, како „Арал“ во населбата Бејоглу во барем еднаш во текот на вечерта може да се чуе една таква песна. Тоа е химна на демонстрантите од паркот Гази.
Ердоган е омилен мотив
Најчест мотив на делата на бунтовните е актуелниот премиер Реџеп Таип Ердоган. Веднаш по забраната на Твитер се појавија хумористични цртежи во кои беше исмејуван неговиот авторитарен стил на владеење. Тогаш Ердоган се појавуваше на насловните страници на турските весници како ја грицка сината птица од логото на Твитер или како возач на авто-приколка која како симбол на демократијата се оддалечува од бројните твитер птички.
На најновите графити во турските градови пак може да се види како уметнииците им се исмејуваат на резултатите од локалните избори. Од другастрана на насловната страница на магазинот „Пенгуен“, посветен на стрипот прикажан е избирач кој наместо гласачка во гласачката кутија уфрла пари. „Во сенка на корупцијата и митото излегуваме на избори“, пишуваше во текстот на цртежот.
Традиција на сатирата во Турција
„Турција од самото основање имаше проблем со демократијата. Затоа постои и сатира во пишан, цртан и вербален облик. Таа имаше свое место и во времето на Османлиското царство, кога сатиричарите ги исмејувале султаните“, вели Хакан Билгинер. Тој во 2010. година го основа сатиричниот магазин „Зајтунг“, токму во време кога владата стануваше поавторитарена и вршеше сѐ поголем притисок врз новинарите и медиумите.
„Ние сме независен магазин и не сме имале проблеми со владата. Начинот на кој таа ги конторлира медиумите произлегува пред сѐ од нејзините деловни врски. Со оглед дека ние немаме такво нешто, не сме изложени ниту на притисок“, објаснува Берлингер. Овој магазин е познат во владејачките кругови, вели тој и додава „Членовите на владата ја следат нашата работа преку Фејсбук и Твитер. Понекогаш тие на социјалните мрежи ги препорачуваат нашите текстови бидејќи ги сметаат за смешни“, истакнува Билгинер. Поради тоа членовите на авторскиот и уредничкиот тим на „Зајтунг“ се внимателни, бидејќи не сакаат проблеми со законот. „Ние директно не ја навредуваме владата. Меѓутоа секогаш наоѓаме начин да го кажеме она што го мислиме. Освен тоа тука станува збор за хумор и тој ни го овозможува дополнителен бонус“, појаснува уредникот.
Уметноста како начин на слободно изразување
За разлика од Билгинер, Тунчај Акгун има негативни искуства со турската влада. Тој уште пред 28 години го основа стрип-магазинот „Леман“, кој со 28 илјади примероци е најпродаваниот магазин од овој вид во Турција. „Ние сме многу радикален весник. Нашите автори редовно беа затворани. И јас самиот сум бил во затвор“, вели Акгун. Во моментов во тек е уште еден судски процес против „Леман“. „Владата не‘ тужеше пред Европскиот суд за човекови права и веројатно ќе добиеме висока парична казна. Станува збор за навредување на премиерот. Го ставивме на насловната страница со покажан среден прст“, вели овој стрип автор кој не му верува на турското правосудство.
И покрај тоа, вели Акгун, не постои причина за самоцензура. „Ние го исклучуваме тоа, бидејќи сме многу радикални. Ќе го цртаме она за што ќе имаме волја и за што ќе сметаме дека треба да биде објавено“, нагласува Акгун. Овој уметник е горд на своите сонародници. „Сите тие цртежи и графити во државава се величенствени и секој ден стануваат сѐ подобри. Уметноста е едноставно одлично решение за сите оние кои во оваа ситуација сакаат нешто да кажат“, заклучува тој