1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина донесе одлука за делумна мобилизација

ЖА/миа/дпа/ртре22 јули 2014

Со тесно мнозинство од 232 гласа, украинскиот парламент одобри делумна мобилизација во земјата. Планот на претседателот Петро Порошенко беше спорен. Украинската армија важи за слабо опремена со персонал и техника.

https://p.dw.com/p/1CgkA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Парламентот во Украина денеска усвои претседателски декрет за мобилизација на резервисти и мажи помлади од 50 години за борба со проруските сили во источна Украина.

Околу 45 дена по претходниот декрет за мобилизација, кој истече, Киев повторно носи декрет за „прогласување и спроведување на делумна мобилизација“ за „антитерористичката операција,“ како што ја нарекуваат украинските власти, а која се одвива во источна Украина.

По гласањето во парламентот дошло до краткотрајни нереди помеѓу националистичките политичари и членови на партијата чиј лидер беше поранешниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, кој беше симнат од власта во февруари.

Украинската армија ја бие глас на слабо опремена со персонал, храна и техника. Со дополнителните сили, како и со натамошно вооружување, Порошенко сака поостар настап против проруските сепаратисти во Источна Украина. Порошенко своето барање го образложи со обезбедување на националната независност на земјата.

Украинските сили успеале да ги притеснат проруските сили во главните упоришта Доњецк и Луганск, полека заземајќи ги околните села и приградските населби. Украинската војска има наредба да не користи воздушни напади и артилерија во овие градови.