Украинските војници на Крим под притисок
19 март 2014Русија продолжува да создава факти за припојувањето на Крим кон својата територија. Над базата на морнарицата во Севастопол сега се вее руско знаме. Проруски сили навлегоа во главното седиште на украинската морнарица на црноморскиот полуостров.
Како што го јави агенцијата АФП, која се повикува на податоци од Киев, во меѓувреме била нападната уште една украинска база на Крим од страна на проруски сили. Околу 50 украински војници морале да ја напуштат базата.
На Крим се наоѓаат и руски и украински војници, бидејќи во Севастопол е стационирана руската Црноморска флота.
При заземањето на седиштето на морнарицата немало поврдени, меѓутоа бил упасен врховниот командант на украинската морнарица, вицеадмирал Сергеј Гајдук.
Сѐ уште имало прашања за украинскиот вицеадмирал, јави агенцијата Криминформ, блиска до Москва, повикувајќи се на државното обвинителство од пристанишниот град Севастопол. Гајдук ја пренел наредбата од Киев до украинските бази да употребат оружје за самоодбрана.
Шефот на руската Црноморска флота Александар Витко ги повика украинските трупи на полуостровот да не ја спроведуваат оваа наредба.
Украинскиот министер за одбрана Игор Тенјух претходно најави дека нема да ги повлече украинските сили за безбедност од Крим и освен тоа им додели дозвола за употреба на оружје за самообрана.
Поради преземањето на главната база на морнарицата на Крим преодната влада на Украина најави дека министерот за одбрана Тенјух и заменик шефот на владата Витали Јарема би требале итно да отпатуваат на полуостровот. Премиерот на Крим, кој не е признат од страна на Киев, Сергеј Аксјонов возврати дека украинските политичари не биле добредојдени и дека би биле вратени.
Во руската Дума Аксјонов навести дека и други делови на Украина би трбале да го следат Крим. „Патриотското движење“ на Крим би требало „да продолжи и да се прошири низ цела југоисточна Украина“, изјави прорускиот премиер на Крим. Луѓето таму со надеж гледале кон Крим и очекувале помош.
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ќе патува за Москва и Киев
Поради тензичната состојба на Крим генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун најави дека ќе отпатува во Украина и во Русија. Бан утре (20.03) треба да се сретне со претседателот Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и други високи по ранг политичари во Москва, објавија ОН во Њујорк. Еден ден подоцна Бан Ки Мун во Киев ќе се сретне со претодниот претседател на Украина Александар Турчинов, премиерот Арсени Јацењук и други официјални лица. Генералниот секретар на ОН за ситуацијата ќе разговара и со набљудувачите за човекови права на ОН.
Бан постојано нагласуваше дека, согласно на статутот на ОН, независноста и територијата на Украина не смеат да бидат допрени. Кризата на Крим би морала мирно да се реши, појасни Бан.