Уште колку ќе остане ЕУФОР во БиХ?
29 октомври 2008Германскиот министер за одбрана Франц Јозеф Јунг смета дека мировните трупи во Босна и Херцеговина, ЕУФОР треба да останат во земјата се‘ додека трае и мандатот на специјалниот претставник на меѓународната заедница. Јунг, по разговорите со членот на претседателството, Небојша Радмановиќ и високиот меѓународен претставник Мирослав Лајчак, во Сараево потсети дека следниот месец ќе биде анализирана политичката ситуација во земјата и ќе се види дали се исполнети условите за транзиција на надлежности од канцеларијата на високиот претставник, ОХР, на канцеларијата на специјалниот претставник на ЕУ во Босна. Јунг беше категоричен дека гледа поврзаност меѓу ОХР и ЕУФОР, што според него е многу важно за стабилноста во земјата. Мисијата на ЕУФОР не е завршена се‘ додека не биде завршена задачата на високиот претставник на меѓународната заедница, смета Јунг.
Има напредок во воените реформи
И за Радмановиќ, присуството на ЕУФОР во Босна е пожелно. „Реков дека имаме поголем напредок во воените реформи и на патот кон НАТО, отколку кон ЕУ. Но, и покрај напредокот на реформите на вооружените сили, изразив желба ЕУФОР уште некое време да остане во Босна и Херцеговина,“ рече Радмановиќ. Реформите и желбата на сите инволвирани страни, тие да се реализираат, се клучни за напредокот на земјата и за успех на патот кон Европа, констатираше и Јунг. Тој додаде дека актуелните реформи во доменот на одбраната се успешен пример дека работите може да се менуваат. Јунг нагласи дека за членството на Босна и Херцеговина во ЕУ, е нужна функционална заедничка држава. И високиот претставник на меѓународната заедница Мирослав Лајчак, во разговорите со Јунг потврдил дека во Босна и Херцеговина е постигнат голем напредок во однос на безбедноста на граѓаните, и дека тој резултат во голема мера се должи на ангажманот на НАТО и ЕУФОР. Лајчак додаде дека секоја одлука за иднината на ЕУФОР мора да биде втемелена на проценка на целокупната ситуација во земјата, вклучително и воената и политичката.