Хоџај: Целосна нормализација со Србија по признавањето на Косово
9 март 2014Косовското МНР соопштува дека Хоџај (на насловната фотографија) за време на посетата на Берлин и средбите со пратениците во Бундестагот изнел пет чекори во процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Првиот чекор, според Хоџај, е примена на договорите постигнати за време на дијалогот во Брисел.
„Второ, Србија треба да ги расформира сите нелегални паралелни структури во Република Косово. Трето, треба да дозволи интеграција на српската заедница во косовските институции“, порачал Хоџај на средбите во Берлин.
Според шефот на косовската дипломатија, четвртиот чекор во нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е – Србија да не го блокира членството на Косово во европските организации и ОН.
„На крајот треба да следува меѓусебно признавање на Косово и Србија, како две независни и суверени држави. Само по исполнувањето на овие пет услови, можеме да зборуваме за нормализација на односите“, рекол Хоџај.
Косовскиот министер за надворешни работи во петокот (07.03.) се сретна со германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.
Србија ќе одржи избори на Косово
Србија останува на намерата изборите на 16 март да се одржат и во Косово. Според српскиот вицепремиер Александар Вучиќ, изборите ќе се одржат согласно договорот постигнат во Брисел, но и во согласност со договорот постигнат со ОБСЕ.
„Очигледно некои луѓе немаат таков вид на политичка одговорност и внатрешна политичка стабилност, но тоа не е наш проблем. Ние нешто се договоривме во Брисел и тоа ќе го спроведевме во дело“, порача Вучиќ. Тој додаде дека не очекува проблеми и само го интересира која од српските политички партии ќе победи во Косово.
Шефицата на приштинскиот преговарачки тим во дијалогот со Белград, Едита Тахири, вчера изјави дека „Србија не може да организира избори на Косово и дека таа е соседна земја, а ’Бриселскиот договор’ за нормализирање на односите го означи крајот на мешањето на Белград во внатрешните работи на Косово“.
Таа потсети дека косовскиот устав гарантира право на двојно државјанство, што им овозможува на косовските Срби да гласаат, но само по пат на технички модалитети кои ги овозможува мисијата на ОБСЕ.