Шекспир - вечно на уметничкиот трон
23 април 2014Љубов и омраза, раѓање и смрт, добро и лошо - ова се безвременските теми на животот, кои ги обработува Шекспир. „Мотиви кои во секое време, во секоја земја и во секоја култура играат голема улога“, вели Рајнер Вирц, референт за култура во Нојс, кој во неговиот град раководи со Шекспир-театарот и фестивалот во чест на британскиот драматург.
Во 1991 година Вирц ја пренесе идејата од шекспировиот Лондонски театар во Нојс и го организираше првиот Шекспир-фестивал. Тогаш започнаа со вкупно шест театарски изведби - денес се 32 изведби годишно.
Долга Шекспир- традиција
Шармот на театарот „Глоб“ во Нојс е посебен. Во него има место за 480 гледачи. Седиштата се поставени така што никој не седи подалеку од десет метри од бината. „Со тоа се создава атмосфера како во експрес лонец“, вели Вирц.
Љубовта кон Шекспир не се искажува само во Нојс, туку во цела Германија има долга традиција. „Нашиот театар“, вели англистот Тобијас Деринг, „всушност е поттикнат од Шекспир“. Уште од 18. век германските класичари биле воодушевени и инспирирани од Британецот. „Тој беше нивни модел и во извесна смисла (...) ослободител за нивната уметност“, вели Деринг.
Паралели со германската историја
Во Вајмар, градот на Гете и Шилер во 1864 година, по повод 300 роденден на Шекспир, беше формиран германскиот Шекспиров клуб, со кого во моментов претседава Тобијас Деринг. Тогаш посебно омилени биле шекспировите историски драми, бидејќи, смета Деринг, во нив се препознавале паралели со формирањето на германскиот рајх.
Исто така и на патот кон германското обединување во 1989 година, Шекспир беше на цена: Режисерот од ГДР Хајнер Милер тогаш го напиша театарскиот проект „Хамлет- Хамлетмашин“ и повика на големи демонстрации во Берлин на Александерплац. Актерот кој тогаш го играше Хамлет, Улрих Мие беше „гласноговорник и галионска фигура“ на пресвртот, се сеќава Деринг. Потоа падна Берлинскиот ѕид.
Забава за сите
Но, не само револуционерите и интелектуалците беа инспирирани од Шекспир. Рецептот на неговиот успех, смета Деринг, е токму тоа што со неговите дела ѝ се обраќаат на широката публика. „Тоа не беше само дворски театар, туку и народен театар“. Шекспир напиша забава за сите.
Рана форма на попкултура, која не остави само траги во доцната филмска индустрија: „Холивуд не би бил ништо без Шекспир“, рече Деринг. До денес во светот се создадени 420 дела по неговото театарско творештво. Оттука тој е писател чии дела се најмногу филмувани.
Воедно, крај на популарноста на Шекспир не е на повидок. Токму приказни како „Ромео и Јулија“, кои до денес фасцинираат генерации, како мотив се пронаоѓаат во мнгоу дела, дури и во германските серии. „Ромео и Јулија - тоа е 'Забранета љубов'“, вели експертот за Шекспир, Деринг, „што друго?“