Што е Сребреница за нас?
11 јули 2015Се‘ уште има и мои пријатели кои како мантра повторуваат: „Да, но...“, или: „Не е се‘ баш така...“, или: „Сите правеа злосторства“. Тогаш сериозно ме лутат. Наоѓаат изговори за нешто што не може да се оправда ниту со човечки ниту со божји закони.
Ниту во 1995 година не ми беа ни малку симпатични припадниците на човечката раса кои беа подготвени невооружени луѓе - илјадници луѓе - да ги врзат со жица, да ги натоварат на камиони и да ги застрелаат. За ваква постапка нема оправдание. Но до денес особено е гнасно она што се слуша најчесто: пред Сребреница се случи Кравица. Да, се случи. Но, крајно е нечесно кон жртвите од Кравица нивната смрт да се инструментализира како „објаснување“ за геноцидниот план и неговата реализација во јули 1995. Ниту 20 години подоцна не можам да се соживеам со емотивиниот, духовен и морален свет на моите сонародници кои заземаат таков став, се вкопуваат зад своите жртви, немајќи храброст и човечност да подвлечат црта под различните објаснувања на местото каде што треба само да се каже дека тоа што е направено е недопустливо.
Значи, се прашувам себеси и сите нив: што е за нас Сребреница дваесет години по злосторството?
Прашањето не е упатено до политичките елити. Српската политичка елита ќе рече дека сторила се‘ за осуда на злосторството со резолуции во Собранието, извинувања, одење во Сребреница. Сето тоа е делумно точно, но не е доволно. Мене ме интересираат обичните луѓе, луѓето со кои делам припадност кон јазикот, културниот круг и традиција, како и да се однесувам јас лично кон неа. А припадноста подразбира и одговорност. Тоа не е припадност кон навивачки хор, кој го слави своето и го навредува туѓото. Таков вид припадност, некритичка, која не потпрашува, која го вознесува во божји височини своето потекло, историја и вера, негирајќи го туѓото и поинаквото, не‘ доведе во ситуација и оние кои не пееја во тој хор да мораат и 20 години подоцна да чувствуваат нелагодност, па и срам кога некој ќе го изговори името на една босанска касаба.
Како што српските жртви не можат да ги оправдаат масовните егзекуции на Бошњаци во летото 1995, така сега, по две децении, Сребреница не може да се толкува само како „притисок на Западот“ или „бошњачка уцена“. Ниту пак може сериозно да се посегнува по кафеанските теории, според кои злосторства опавеле сите други само не Србите во униформи под офицери платени со белградски динари.
Во овие две децении мали се уморив од повторување на очигледното. Нема оправдување за ниту едно злосторство, особено не за планско уништување илјадници луѓе. Сребреница ни е опомена. Наспроти се‘, од историјата не научивме многу. Не сфативме на време каков завет ни остави Јасеновац. Зашто да беше така, Сребреница немаше да биде можна.