1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што сака Буш сега од ОН?

20 јануари 2004

Германските, но и странските весници денеска се осврнуваат на пресвртот во американската политика кон ОН во врска со ирачката криза, обидувајќи се да ја откријат далекусежноста на оваа промена, како и мотивите за неа.

https://p.dw.com/p/AeHo

Така германскиот "Меркише алгемајне" забележува:

"Американскиот цивилен управник во Ирак, Пол Бремер, му ја пренесе на Кофи Анан пораката дека американската влада е подготвена на далекусежни отстапки, доколку ОН се вклучат во градењето стабилни политички и стопански структури во Ирак. Природно е што сега подготвеноста на Светската организација да им потрча на помош на Американците е мала, со оглед на фактот дека тие долго време сигнализираа оти таа не им треба. Дотолку повеќе што САД и сега не сакаат да отстапат од нивната водечка улога. Но, од друга страна, некој не сака да ја пропушти приликата за докажување на способноста на ОН за дејствување во тешки ситуации. Оној кој бара поголемо влијание на Светската организација, сега мора и соодветно да ја искористи шансата. Сепак, кога членките на ОН помислуваат дека со тоа всушност му даваат предизборна поддршка на Буш, секако не се чувствуваат пријатно" -

смета "Меркише алгемајне", на кого се надоврзува и "Ноје пресе" од Хановер, со следниот коментар:

"Сега ОН треба да му помогнат на американскиот претседател да биде повторно избран. Кофи Анан, меѓутоа, би требало решително да го отфрли овој предлог и наместо тоа да се заложи за барањето за одржување слободни избори во Ирак најдоцна до средината на годинава. Освен тоа помошта од каков и да е вид од страна на Светската организација треба да ја услови со преземање потполна одговорност за преодниот период се' до создавањето слободно избрана влада во Багдад. Шанси за стабилизирање на состојбата ионака ќе има само ако се знае дека окупационите сили во догледно време ќе ја напуштат земјата" - оценува "Ноје пресе".

"Келнер штатанцајгер", пак, смета дека:

"Понудата на САД до ОН се празна реторика. Тие немаат намера да ја предадат командата, туку покажуваат готовност на компромис само на полето на администрацијата и стопанството. Природно е што ОН покажуваат мал интерес да им побрзаат на помош на Американците под такви услови."

"Франкфуртер рундшау" го врти погледот кон улогата на ЕУ во најновиот развој околу Ирак, па заклучува:

"Може лесно да се предвиди дека САД наскоро ќе затропаат на вратите во Брисел, сакајаќи да им го предадат на НАТО и на ЕУ врелиот компир. Доколку Европејците до тој момент немаат јасен концепт за однесувањето во новата ситуација, тогаш повторно ќе се претворат во потрчковци на американската политика. Се чини дека на Американците им е важна поддршката пред се' на политички, а не на воен план, а тука Европа има добри адути, кои треба решително и да ги одигра. Дали Европа ќе успее нешто битно да измени ќе зависи од политичката мудрост на Шредер и Ширак, како и од остатокот на политичката памет на Блер" - заклучува "Франкфуртер Рундшау".

Виенски "Стандард" се осврнува на тешката позиција во која се наоѓа генералниот секретар на ОН, па оценува:

"Со оглед на ситуацијата, Кофи Анан се наоѓа под притисок да стори се' за да ја олесни транзицијата во Ирак. Од друга страна, меѓутоа, постои опасноста Светската организација да се претвори во помошник на републиканската влада на САД. Тајмингот за избори во Ирак е во тесна поврзаност со претседателските избори во САД. Стабилна и суверена влада во Багдад, како и да е создадена, би била добар изговор за Буш да ги потисне на страна преостанатите проблеми во Ирак."

Италијанскиот "Кориере дела сера", пак, ги гледа ОН веќе во улога на посредник:

"Пресвртот се состои во тоа што Светската организација прифаќа да биде судија во спорот меѓу Буш, од една страна, кој сака да организира предизбори за регионални, а подоцна и национално Собрание, кои ќе номинираат сојузна влада во која ќе владеат умерените сили што ги поддржува Вашингтон и шиитскиот лидер, Али ел Систани, кој бара одржување слободни избори на национално ниво, од кои, пак, најголема корист ќе имаат националистичките сили во Ирак и тамошниот народ."

Конечно, шпанскиот "Ел Паис" закулучува: "На преуранетите избори во некои делови на Ирак би победиле исламистите, а во други приврзаниците на соборениот диктатор, Садам Хусеин. Радикализирањето на состојбата во Ирак, пак, суштински ќе му ги намали шансите на Буш на реизбор. Всушност, неговата влада ионака не може да си дозволи да ја загуби контролата врз земјата во која САД вложија стотици животи и големи милијарди од џебовите на даночните обврзници."