1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе биде со Советот за човекови права на ОН?

7 март 2006

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан вчера во Њујорк побара забрзана постапка за формирањето на новиот Совет за човекови права. Според него битно е новото тело да биде одобрено уште пред наредното заседание на старата и веќе дискредитирана Комисија, закажано за 13. март.

https://p.dw.com/p/AcTl
Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан
Генералниот секретар на ОН, Кофи АнанФотографија: AP

„Комисијата се дискредитираше самата преку нејзиниот биланс на работата. Затоа ако не внимаваме и донесеме погрешни одлуки, тогаш ќе се најдеме во ситуација да имаме Комисија што сите ја означуваат како дискредитирана, а новиот Совет што требаше да ја замени, тој се распаѓа„ – оцени генералниот секретар на Светската организација Кофи Анан.

Ваквата итност на неговото барање се чини го разбираат 190 од вкупно 191-та земја членка на Организацијата. Од Јужна Африка до Германија и од Аргентина до Швајцарија доаѓа согласност за нацрт резолуцијата со која треба да биде создаден новиот Совет за човекови права. Само американскиот амбасадор при ОН, Џон Болтон, останува на неговото категорично „не„. За него она што Кофи Анан го нарекува добро, иако не одлично решение, не е воопшто добро. Сегашниот документ претставува чиста козметичка промена, смета Болтон и затоа најавува:

„Ако Претседателот на Генералното Собрание и другите сакаат да го изнесат актуелниот предлог на гласање уште оваа недела, ние тогаш ќе гласаме против!„

Американскиот амбасадор ја применува повторно истата тактика, како и по прашањето на реформата на ОН, проширувањето на Советот за безбедност и други слични ситуации. Компромисниот предлог што е резултат на повеќемесечни напорни преговори одеднаш не е доволно добар и сега треба повторно се‘ од почеток да се договара. За актуелниот претседавач со Генералното собрание на ОН, Јан Елијасон, ова е вистински кошмар. Нему му е многу добро позната тактиката на официјален Вашингтон, а освен тоа знае дека ако САД постават нови барања, тоа ќе го сторат и други држави:

„Повеќето делегации изрично ме предупредија од какви и да е промени на сегашниот текст. Уште никогаш порано не сум го чул толку често предупредувањето од повторно отворање на Пандорината кутија како во овие денови!„

Во меѓувреме петмина поранешни добитници на Нобеловата награда, меѓу кои и поранешниот претседател на САД, Џими Картер и јужноафриканскиот бискуп Дезмонд Туту, апелираа во статија објавена во „Њујорк тајмс„ за итно прифаќање на новиот Совет за човекови права. Тие ги истакнуваат предностите на новото тело, како: изборот на членките по пат на просто мнозинство, наместо комплицираниот процес во регионалните групи; потоа можноста за исклучување од Советот на земји во кои се кршат човековите права; трите годишни сесии, наместо само една и најавата за многу поинтензивно вклучување на невладините организации во работата на новиот Совет. За петмината Нобеловци ова се големи подобрувања во однос на старата Комисија и затоа Советот треба итно да биде формиран.