1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Нема независно правосудство во Турција“

Башак Озај/ Симе Недевски27 декември 2013

Турскиот експерт Екрем Еди Ѓузелдере во интервју за ДВ говори за силите кои имаат влијание врз правосудството во Турција како и за можните последици од корупцискиот скандал врз изборите во земјата во 2014. година.

https://p.dw.com/p/1AhXC
Фотографија: Privat

ДВ: Како последица на корупцискиот скандал туркиот премиер Реџеп Таип Ердоган изврши реконструкција на својата влада-со десет нови министри. Како ги оценувате овие случувања?

Екрем Еди Ѓузелдере: „Дека во Турција има корупција не е изненадување за никого кој се занимава со состојбите во земјата. Изненадувачки меѓутоа беше тоа што овие обвинувања сега излегоа во јавноста, зашто како јавните обвинители, така и медиумите под капата на партијата на Ердоган, АКП со години на назад не се осмелуваа јавно да говорат за такви скандали, кои се разбира ’под рака’ им беа познати на некои новинари. Дека овој скандал сега излезе во јавноста, може да се должи на тоа што станува збор за конкретни обвинувања за корупција, а од друга страна зад тоа се крие борбата за моќ меѓу владата на АКП и движењето на свештеникот Фетула Ѓулен. Владата на Ердоган и движењето на Ѓулен долго време имаа заеднички интереси и меѓусебно се поддржуваа. Меѓутоа најдоцна од почетокот на 2012. тие преминаа на отворен курс на конфронтација. Корупцискиот скандал е последниот чекор во овој судир“.

Што значи корупцискиот скандал за владата на Ердоган на политичко ниво? Како ќе се одрази тој врз регионалните избори во март наредната година?

„Владата на Ердоган навистина се наоѓа во одбранбена борба, во која не може да се прави многу политика, сепак во колкава мерка тоа воопшто ќе има влијание врз изборното однесување на граѓаните, допрва ќе се покаже. Секогаш кога АКП во последните години во анкетите губела на гласови, најчесто поради економските потешкотии, опозициските никогаш не профитирале. Наместо тоа поголем стануваше таборот на негласачи и на неодлучни. Со оглед дека мнозинството од турското население се информира преку мејнстрим-медиумите кои се блиски до АКП, и натаму многу луѓе се убедени дека верзијата на влада е единствената вистинска верзија. Затоа сѐ зависи од тоа како АКП ќе се однесува кон оваа криза. Ако го направи толку вешто како по Гези протестите летоска и настапи против тоа со професионална ПР- кампања, би можело да се случи скандалот да нема речиси никакво влијание врз регионалните избори во март. Доколку оваа криза трае подолго и доколку некои медиуми и критички известуваат за скандалот, тогаш тој би можел да има влијание врз изборите во 2014. година и да ја заслабне позицијата на АКП“.

Premierminister Türkei Tayyip Erdogan Porträt
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган под притисокФотографија: picture-alliance/AP Photo

Верувате ли дека истрагите за корупција ќе течат независно, дека турското правосудство ќе остане независно?

„Турското правосудство со сигурност веќе со години не е независно туку многу политизирано и злоупотребено за сопствените интереси на владата и други сили кои имаат моќ во правосудството. Еден дел од правосудството е блиско до АКП, друг дел до движењето на Фетула Ѓулен. Фер и независно судство во Турција не може да се очекува ниту во блиска иднина“.