Администрацијата со протести бара зголемување на платите
14 јануари 2025Вработените од шест министерства и од Државниот завод за статистика започнаа со предупредувачки протести коишто ќе траат секој ден пред институциите од 11 до 11.30 часот. Во петок протестот се сели пред Министерството за финансии, каде што во периодот од 11 до 12 часот, администрацијата ќе го изрази своето незадоволство од непотпишувањето на колективните договори, со коишто вработените ќе треба да добијат 30 проценти додаток на плата. Во протестот учествуваат вработените од Министерство за култура, животна средина, европски прашања, дигитална трансформација, транспорт и врски, економија и труд, како и вработените од Државниот завод за статистика. Претходно со штрајк своето незадоволство го изразија и вработените во Државното правобранителство на Северна Македонија.
Во моментот висината на платите на вработените во овие институции кои протестираат почнува од 25.010 денари, просечната плата е околу 29.000 денари, додека просечната плата во државата е 42.124 денари. „Со додатокот од 30 отсто, кој го бараме, овие вработени би добиле износ од 6.000 денари, но и покрај тоа тие ќе имаат пониски плати од просечните во државата“, вели првиот човек на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Тој вели дека барањето е старо повеќе од четири години, а за него штрајкувале години наназад. „Но, досега ниедна Влада не го слушна нашиот глас“, додава тој.
„Иако не постои ниту законска ниту уставна пречка, нашата намера не е да го оштетиме државниот Буџет, туку да најдеме средства за овој додаток во неговите рамки. Се надеваме дека нашите протести нема да бидат залудни и дека Владата ќе го слушне нашиот глас“, дециден е Деаноски.
Тој апелира оваа точка да се стави на дневен ред на владината седница и да се изнајде начин за средства од буџетот за решавање на проблемот на вработените.
Владата се сомнева дека штрајкот е политички мотивиран
Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција рече дека не се исполнети законските услови за протестот и смета дека постојат сомнежи дека е политички мотивиран. Таа додаде дека Владата е партнер на сите и е отворена за сите предлози и сугестии.
„Секој штрајк треба да биде организиран во согласност со Законот за работни односи и колективните договори. Треба да биде најавен согласно законот, да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат. Бидејќи за жал ниту еден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвора силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран“, рече Митева.
„Како Влада гледаме реално на работите и не сме задоволни од нивото на платите во администрацијата, но повторувам дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање на решение“, додаде таа.
Поддршка од опозицијата
Администрацијата доби поддршка и од опозициската СДСМ. Тие порачаа дека Владата има обврска да обезбеди услови за потпишување на колективните договори и зголемување на платите.
„Го разбираме револтот на работниците во јавниот сектор и ги поддржуваме нивните барања за покачување на платите кои се целосно оправдани“, порачаа од СДСМ. Според нив, платите стагнираат, куповната моќ на работниците се намалува, а политиките на Владата на Мицкоски се сведуваат на служење на тесни бизнис интереси на елитата.
„Во изминатите седум месеци, минималната плата остана непроменета, додека просечната плата стагнира. Системот за зголемување на платите, воспоставен од СДСМ, беше целосно напуштен од актуелната власт, што резултираше со влошување на животниот стандард на работниците“, велат од партијата.
Последните податоци од Државниот завод за статистика го потврдуваат тешкиот економски контекст во кој се наоѓаат работниците. „СДСМ е на страна на работниците и бара од Владата итно да преземе чекори за зголемување на платите, како и да обезбеди целосна рамноправност меѓу вработените во јавниот сектор. Потпишувањето на колективните договори, согласно барањата на работниците, мора да биде приоритет“, велат од партијата.