1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КултураГлобално

Божиќни традиции во светот: Божик со вештерки и брза храна

Бренда Хас
25 декември 2024

Со ролшуи до црква, чекање на вештерка или кисели краставици закачени на дрво - божиќните традиции се разликуваат од земја до земја.

https://p.dw.com/p/4oZHF
Њујорк | елка лампион
Фотографија: Johannes Schmitt-Tegge/dpa/picture alliance

Прославата на Божик  не е иста насекаде во светот. Денот во различни земји се одбележува на многу различни начини. Ви претставаме неколку регионални особености.

Венецуела: На ролшуи до богослужба

Одењето во црква на Божик е вообичаено во многу христијански земји. Во Венецуела пак на полноќната миса на 24 декември не се оди, туку се вози на ролшуи.

Ова е одговорот од сончевиот југ на лизгањето на север и се појави првпат во 60-тите години на минатиот век, но популарен е до денес. Сообраќајот се блокира специјално за луѓето кои на овој начин одат в црква.

ролшуи
Фотографија: Schneider/dpa/picture alliance

Филипини: Чудотворни ѕвезди

Ѕвездата од Витлеем, која трите мудреци ги доведе до колевката на бебето Исус, игра централна улога во Божиќната приказна.

На Филипините ѕвездите се нацртани на шарени фенери и за Божиќ се закачуваат пред домовите. Светилките направени од бамбус и јапонска хартија симболизираат надеж и светлина.

Филипини Манила ѕвезди
Манила - шарени ѕвезди насекадеФотографија: NOEL CELIS/AFP via Getty Images

Италија: Божиќната вештерка Бефана

Добродушната Бефана всушност требало да го посети новородениот Исус заедно со мудреците, но прво сакала да си ја заврши работата на разбојот.

Вештерката подоцна не можела сама да го најде патот, па затоа во ноќта меѓу 5 и 6 јануари лета низ светот и го бара детето. Добрите деца ги наградува со слатки, лошите деца со парче јаглен во форма на шеќер.

Италија Вештерката Бефана
Вештерката Бефана е дел од божиќниот персонал во ИталијаФотографија: Claudio Onorati/ansa/epa/dpa/picture alliance

Јапонија: КФЦ наместо божиќна гуска

Во Јапонија помалку од еден процент од населението се идентификуваат како христијани. Затоа Божиќ е секуларна прослава, но со свој обичај – се јаде познатото пржено пилешко од основачот на „Кентаки фрајд чикен“, полковникот Сандерс, и тоа е божиќна традиција. Во 1974 година компанијата за брза храна започна голема рекламна кампања „Кентаки за Божиќ“.

Јапонија брза храна КФЦ
Брза храна наместо традиционални јадењаФотографија: Yuichi Yamazaki/Getty Images

Мексико: Ноќ на репките

Во 1897 година, градоначалникот на мексиканскиот град Оаксака иницираше бизарна божиќна традиција: ноќ на репките. Секоја година на 23 декември, локалните уметници резбаат сцени од секојдневниот живот во репките што се одгледуваат таму и ги изложуваат на божиќниот пазар. Се резбаат и теми поврзани со празникот, како Исус во колепката.

Мексико репка Божик
Светото семејство од репкаФотографија: Lora Grigorova/Demotix/picture alliance

Каталонија: Долу на земјата

Повеќето сцени на раѓањето на Исус имаат небесен шарм, но во шпанскиот регион Каталонија има една претерано човечка фигура. „Ел Каганер“ („Серко“) е фигура на селанец, вообичаено сместена во ќоше, која носи традиционална каталонска црвена капа и се однесува соодветно на името.

Шпанија Каталонија Божик
Каталонскиот „Ел Каганер“Фотографија: Reuters/A. Gea

Австрија: Лошо расположениот асистент на Дедо Мраз

Свети Никола им носи подароци на сите што се однесувале добро. Во Австрија за непослушните се грижи неговиот помошник Крампус.

Според легендата, на 5 декември, во пресрет на Свети Никола, тој се искрадува од скривницата за да ги казни непослушните деца. Тој ги носи во подземниот свет, ги камшикува со гранчиња од бреза, или дури ги удавува.

Австрика Божик Крампус
Крампус во Австрија има педагошка мисијаФотографија: Werner Lang/imageBROKER/picture alliance

САД: Кисела краставица

Германските божиќни традиции се многу популарни во САД, што вклучува и закачување на „божиќна кисела краставица направена во Германија“ на елката. Ретко кој во Германија знае за ова. Четвртата генерација на производители на стакло од Тирингија, каде што според американски документ била измислена краставицата во 1880 година, дознале за обичајот дури во САД - и оттогаш ја произведуваат.

САД Божик украси
Дел од украсите во САД е и „божиќната кисела краставица направена во Германија“Фотографија: Waltraud Grubitzsch/dpa/picture alliance

Кина: Јаболка на мирот

Божиќ не е цврсто втемелен празник во културата на Кина, но и таму има еден посебен обичај. „Бадник“ на мандарински значи пинганије или „вечер на мирот“.

Тоа звучи слично како „Пинггуо“, што значи „јаболко“. Па така јазичната фузија ги направи јаболката популарен божиќен подарок како „јаболко на мирот“.

Кина Божик јаболка
Во Кина, Бадник е „вечер на мирот“ - и вечер на јаболкаФотографија: Liu Junfeng/Costfoto/picture alliance

Шведска: Поздрав од Пајо Паторот

Секоја година на 24 декември во 15 часот, шведските семејства го гледаат специјалното издание на Волт Дизни од 1958 година „Пајо Паторот и неговите пријатели ви посакуваат среќен Божиќ“. Според шведскиот весник „Де Локал“, повеќе од 4,5 милиони луѓе, што е  речиси половина од вкупното население, го гледале едночасовното шоу во 2020 година, што ја прави најгледана ТВ програма во историјата на Шведска.

Шведска Божик Пајо Паторот
Секоја година во Шведска за Божик се „сервира“ филм со Пајо ПаторотФотографија: Walt Disney Co./Courtesy Everett Collection/picture alliance

Етиопија: Божиќ во јануари

Додека во многу христијански земји 24-ти декември се слави како датум на Христовото раѓање, повеќето православни цркви, вклучително и во Етиопија, го слават Божиќ на 7-ми јануари. Во Етиопија празникот се нарекува Гана или Гена.

Етиопија Божик
И во Етиопија, Божик е празник на мирот и светлинатаФотографија: Lefteris Partsalis/ZUMAPRESS/picture alliance

Многу локални жители претходно учествуваат во „Цоме Небијат“, „Постот на пророкот“, кој се држи до 43 дена пред Божиќ.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик