Дали Германија е виновна за скапата струја во Европа?
23 декември 2024Проблемот е познат одамна, а Германците го нарекуваат Dunkelflaute, состојба во енергетската економија кога од ветрот и фотоволтаиците поради мрак не се добива доволно електрична енергија. Одржливите извори на енергија како што се сонцето и ветерот се нешто убаво и пожелно, но токму сега, кога се наближува најкраткиот ден во годината, едноставно нема доволно сонце за производство на електрична енергија во студените зимски денови. Во зима во Германија и ветрот може да биде проблем: зимската магла се влече по копнениот дел без здив на ветер, а ветерниците на Северното Море - дури ни зимските бури не се решение ако ветерот е премногу силен - исто така треба да се стават во состојба на мирување.
Идеално би било некако да се зачува произведената енергија, но таквите капацитети не се ни оддалеку доволни за дневната потрошувачка. Во нормални услови, во вакви зимски денови сѐ почесто се користи „валканата“ енергија на фосилните термоцентрали или нуклеарните централи, но и таквите капацитети во Германија се намалени.
Со други зборови, во вакви моменти на „затишје“, дистрибутерите на струја потоа купуваат струја на европскиот пазар, па цената на струјата е многу понестабилна. Тоа помалку ги загрижува домаќинствата кои по правило имаат договорена долгорочна цена, но е сериозен проблем за индустријата која струјата ја плаќа по моментална, пазарна цена.
Како што објаснува Матијас Миер од Центарот за енергија, клима и ресурси во Минхен, таквите скокови на цените се случуваат кога има помалку можности за производство на одржлива енергија и кога ќе залади и кога греалките мора да се вклучат.
Утрото на 12 декември
Зимава тоа не се случуваше често, бидејќи во Германија досега времето беше релативно благо - во Бон моментално се 14 степени, но како што ни кажува Конал Хојсаф, кој ги следи цените на енергијата во Институтот Бригел во Брисел, тоа се случило рано утрото на 12 декември. Ноќта, мегават-час струја уште бил 107 евра, но како што се приближувало утрото - и кога почнаа да се вклучуваат уредите и термостатите во куќите - цената експлодираше на 936 евра за мегават час.
Поради законите за понуда и побарувачка, цената истиот ден брзо се смири, а ден подоцна цената беше некаде околу 115 евра за мегават час. Но, за разлика од цената, духовите низ Европа не се смирија: норвешкиот министер за енергетика Терје Асланд рече дека „размислува“ за прекин на снабдувањето со енергија на Данска, а весникот „Фајненшл тајмс" пишува дека и другите во Норвешка сакаат „повторно да разговараат“ за снабдувањето со енергија на Германија и Велика Британија, кои се сметаат за главни виновници за оваа ценовна експлозија.
И шведската министерка за енергетика Еба Буш изјави дека ќе биде можно да се постави нов подводен далновод до Германија, но само доколку Германија успее да го стабилизира својот пазар дури и во такви врвови на нерамнотежа меѓу понудата и побарувачката. Затоа што во спротивно ги загрозува шведските потрошувачи и нивниот пристап до евтина домашна енергија.
Обединета Европа – барем за далноводи
Впрочем, ако некаде во Европа се постигна единство, тоа беше на пазарот на електрична енергија, а такво национално размислување беше незамисливо до неодамна. „Европскиот пазар на електрична енергија е длабоко физички поврзан и институционално усогласен, особено затоа што е збир на многу различни национални дистрибутери“, вели Хојсаф. Впрочем, европската мрежа за снабдување со електрична енергија е втора по меѓусебната поврзаност на планетата, по најголемиот пазар во Кина.
Матијас Миер исто така се согласува дека европскиот пазар е исклучително поврзан и укажува на помалку познатиот факт дека всушност секој седми киловат што го трошиме се произведува некаде на друго место во Европа. Европската мрежа за снабдување со електрична енергија е исто така исклучително важна и за Европската комисија: ова е единствениот начин да се намали зависноста на Европа од увоз и само на тој начин ќе биде можно да се постигнат целите на „Европскиот зелен договор“ за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година, а потоа да се создаде „климатски неутрален континент“ и од Европа до 2050 година.
Во 2023 година, обновливите извори на енергија беа најголемиот извор на електрична енергија во ЕУ. Тие сочинуваат 44,7% од потребите, што е за 12% повеќе отколку во 2022 година. Сепак, електричната енергија што ќе им се нуди на потрошувачите и без сонце и ветер е сè уште важна: нуклеарната енергија сочинува речиси 23% од потребите, термоцентралите на фосилни горива - 32%.
Но, токму поради тоа што електричната енергија се подразбира како „чиста“, вклучувајќи го и зголемениот број на е-возила, реално е да се очекува дека побарувачката за електрична енергија исто така значително ќе порасне. Проценките на ЕК зборуваат за зголемување од дури 60% до 2030 година, а огромен проблем се и преносните мрежи: 40% од далноводите се постари од 40 години и тешко ќе ја издржат не само зголемената побарувачка, туку исто така и трендот граѓаните сами да произведуваат енергија и да ја нудат на пазарот.
Евтина Хрватска, (пре)скапа Германија
И Европската Унија и нашите соговорници се убедени дека само заеднички европски пазар може да ја стабилизира, а потоа и да ја намали цената на струјата. Затоа ЕУ преку Трансевропската мрежа за енергија го помага планирањето и имплементацијата на прекуграничната енергетска инфраструктура, а за Матијас Миер најголем проблем се локалните цени кои потоа ја одразуваат нерамнотежата на понудата и побарувачката.
Конал Хојсаф укажува и на ноторниот факт за драстично различните цени на електричната енергија во Европа: моментално е најскапа во Германија, каде киловат час чини 39,5 центи. Во Европската унија струјата е најевтина во Унгарија со само 10,9 центи за кВч. Според него, некои земји имаат „среќа“ што имаат обновливи извори како ветер, сонце или хидроенергија, но поволната цена на енергијата е пресудна за конкурентноста на цела Европа.
И тој го гледа решението само во подобра поврзаност: поттикнување флексибилност во побарувачката, подобра европска координација за прекугранични инвестиции и повеќе физички врски меѓу земјите за споделување на енергетските ресурси. Ова секако одговара на Германија, каде што киловат час е значително поскап од европскиот просек од 28,9 центи. Сепак, како што слушнавме од министерствата во Шведска (24,3 центи по кВч) и особено Норвешка (19,9 центи по кВч), не постои особено распространето верување дека тамошните потрошувачи треба да посегнат подлабоко во своите џебови за поевтина струја во Германија.
Според информациите од канцеларијата на Евростат од ноември годинава, Хрватска е меѓу најприфатливите земји во Европа со само 14,7 центи за киловат час за домаќинствата, а оваа цена е исклучително стабилна бидејќи практично не е променета од 2015 година – во Холандија, цената буквално се удвои во тој период од 13,5 на 27 центи за киловат час.
Но, има и големи разлики во цените на струјата за индустријата - а тоа особено им пречи на Шведска и Норвешка, кои се меѓу најевтините во Европа (9,4 и 8,8 центи за киловат час). А Германија не е ни најскапа на континентот: додека домаќинствата плаќаат 39,5 центи, индустријата плаќа 23,3 центи, но во Ирска киловат-час чини 25,6 центи. Се разбира, додека не настапи Dunkelflaute - тогаш сè е можно.