Исламска држава: Закана за иднината на Сирија?
10 декември 2024Таа е во голема мерка поразена во Сирија, но Исламската држава (ИД) продолжува да претставува закана за мирната иднина на земјата. Барем тоа е ставот на администрацијата на претседателот на САД, Џозеф Бајден, која поради тоа нареди масовни воздушни напади врз џихадистите.
Колку сериозно ја сфаќаат оваа закана, покажува веќе и арсеналот на ангажираните авиони. Во нападите во централниот дел на земјата учествуваа тешки бомбардери Б-52, како и ловци Ф-15 и А-10 Тандерболт.
Нападите врз водачите на ИД, борците и камповите на ИД во централниот дел на Сирија се дел од тековната мисија чија цел е слабеење и конечно поразување на таа терористичка организација, објави Централната регионална команда на американската армија на платформата X. Тие извршија „десетици“ воздушни напади.
„Не треба да има сомнеж - нема да дозволиме ИД повторно да се формира и да ја искористи моменталната ситуација во Сирија“, цитиран е генералот Мајкл Ерик Курила, во објавата на платформата Х. „Сите организации во Сирија треба да знаат дека ќе ги сметаме за одговорни доколку соработуваат со ИД или на кој било начин ја поддржат.“
„Ќе придонесеме за обезбедување стабилност во источна Сирија со тоа што ќе го заштитиме нашиот персонал од какви било закани и ќе ја продолжиме нашата мисија против ИД, вклучително и обезбедување на затворите каде што се чуваат борците на ИД“, рече претседателот Бајден во неделата.
„ИД никогаш целосно не исчезнала во Сирија“
Исламска држава никогаш целосно не исчезнала од Сирија, тврди експертот за Блискиот Исток и политички советник Карстен Виланд во разговорот за ДВ. Иако е во голема мера поразена, „во централниот и источниот дел на Сирија сè уште има различни ќелии - вклучително и ќелии на спијачи. Тие и натаму претставуваат значителна опасност, особено кога, како и сега, има вакуум на моќ“.
Според него, САД постапиле правилно. „Сега е клучно да се стабилизираат оние сили кои ја презедоа власта во Сирија што е можно помирно и да не се оптоварат со дополнителен фронт против ИД“, рече Виланд.
Од Ирак до Сирија
Исламска држава е основана во Ирак во контекст на американската интервенција во 2003 година, а од 2012 година се прошири и во Сирија во хаосот на тамошното востание.
Организацијата дејствуваше во Сирија под името Џабхат ал-Нусра, односно Фронт ал-Нусра („Фронт на поддршка“). Беше командувана од Абу Мохамед ал Џолани, човекот кој денес ја води милицијата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС). Токму овие милиции ја започнаа офанзивата која доведе до пад на диктаторот Башар ал Асад.
Идеолошки, Ал Џолани со текот на годините сѐ повеќе се дистанцираше од ирачката Исламска држава. Конфликтот меѓу двете групи стануваше сè пожесток во годините кои следеа.
Напади врз цивили
Сириската армија, ослабена со годините на револуција, не можеше да пружи значителен отпор на Исламската држава. Многу војници загинаа во судирите и во заседи. Сепак, од 2015 година, Исламската држава, како и Фронтот Ал-Нусра, се соочуваат со зголемен воен притисок од САД. Тој притисок значително ја ослабна ИД, која до 2019 година мораше во голема мерка да се откаже од власта.
Сепак, некои таканаречени „калифи“, врховни воени и верски водачи на ИД, успеаја да се одржат, но САД одвреме-навреме ги елиминираа. Многу членови на ИД завршија во логори во североисточна Сирија, каде што се и денес.
И покрај тоа, некои ќелии и кампови на Исламска држава опстанаа до ден-денес, особено во пустината Бадија, на границата меѓу Сирија и Ирак. Овие милиции повремено извршуваат помали напади, наведува Карстен Виланд.
„Нападите главно се насочени кон руралното население, особено кон луѓето кои бараат тартуфи во таа област. Во некои случаи, десетици луѓе беа убиени“.
Други членови на ИД функционираат како таканаречени „ќелии на спијачи“ и чекаат наредби за акција. Бидејќи Исламска држава е главно децентрализирана организација, тешко може целосно да биде уништена.
Дали Џолани навистина се огради од идеологијата на ИД?
Иако Исламска држава во моментов не е способна да се прошири на поголема територија или да ја обнови својата стара сфера на моќ, таа би можела да се обиде да го зголеми своето влијание во политички изменетата Сирија по падот на Асад.
Затоа оваа група, позната по својата бруталност, сега е решително се сузбива.
Дека Мохамед ал Џолани навистина се оградил од идеологијата на ИД е сосема замисливо, смета Карстен Виланд. „Таа група склучи договори со различни локални актери, што ме наведува да се надевам на конструктивен развој. Интересно е и тоа што немаше големи масакри или одмазднички похофи. Ако се постапуваше според идеологијата на ИД, ситуацијата во последните денови веројатно ќе се развиваше сосема поинаку“, заклучува Виланд.