1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Германија 2025: Ќе биде тесно за Сара Вагенкнехт

13 јануари 2025

Поранешната политичарка од Левица сака да се докаже со својата партија БСВ. За да ја постигне целта, партијата треба да стане посилна на западот од земјата. Но, таму има проблем.

https://p.dw.com/p/4p6vS
Германија 2024 | Сара Вагенкнехт зборува на конгресот на БСВ
За Сара Вагенкнехт и сојузот именуван по неа (БСВ), сојузните избори во 2025 година ќе бидат многу неизвесниФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Конгресот во Бон за Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) беше посебен и од причина што партијата основана во јануари 2024 година, за првпат ќе учествува на сојузни избори (ќе се одржат на 23 февруари, н.з.). Генералната проба БСВ ја помина успешно - на изборите во трите источни германски сојузни покраини - Бранденбург, Саксонија и Тирингија, БСВ постигна резултати помеѓу 11,8 и 15,8 проценти од гласовите. Со тоа ја засени и Левицата, од која се отцепи БСВ.

И покрај таквиот триумф, Сара Вагенкнехт мора да стравува дека Алијансата именувана по неа на предвремените сојузни избори би можела да падне пред изборниот праг од пет проценти. Причината за тоа е дека од приближно 59 милиони гласачи во Германија, само околу десет милиони, или помалку од една петтина, живеат на истокот на земјата. А на запад, каде што живеат над 80 проценти од лицата со право на глас, поддршката за БСВ е значително помала.

Европските избори како барометар за БСВ

Тоа веќе се покажа на европските избори во јуни 2024та година. На ниво на Германија партијата на Вагенкнехт постигна 6,2 проценти. Сепак, регионалните разлики беа огромни. На исток таа доби поддршка приближна на нивото од покраинските избори, односно меѓу 13 и 16 проценти. БСВ доби многу помала поддршка на запад - во просек под пет проценти. Прегот беше надминат само во малата покраина Сар (со еден милион жители) и градот-држава Бремен (580 илјади жители).

Проблемот од гледна точка на БСВ е што сликата е слична и на сојузните избори. Во актуелните анкети, БСВ едвај го надминува прагот од пет проценти. За да се влезе во германскиот парламент, бројот на добиени гласови не смее да лежи под него. Меѓутоа, во политичкиот барометар на втората германска телевизија ЗДФ партијата има четири проценти. Големото тресење започна – непосредно пред партискиот конгрес.

Сара Вагенкнехт ги критикува медиумите

Основачот на БСВ, Вагенкнехт, слабите резултати од анкетата ги објаснува со недоволно присуство во медиумите и смета дека „тоа е многу недемократски“, како што изјави за јавниот радиодифузен сервис Бајеришер рундфунк (БР). Погледот во статистиката на ТВ-ток-шоуата со најголема гледаност на АРД и ЗДФ, открива поинаква слика. Вагенкнехт со 12 покани за гостувања била најприсутен политичар на јавната телевизија во 2024 година.

Во Бон, лидерката на БСВ, со оглед на слабите резултати од анкетата, се претстави борбено. Партијата е нова и тие сѐ уште немаат постојан електорат. Многумина сѐ уште не знаат за кого сакаат да гласаат, вели Вагенкнехт. „Ние само што започнавме со оваа предизборна кампања“, рече Вангенкнехт. Основа за тоа е програмата усвоена на партискиот Конгрес.

БСВ се гледа себеси како единствена мировна партија

Во програмата БСВ се опишува себеси како единствената мировна партија во германскиот Бундестаг, која сегашното трупање оружје го отфрла подеднакво доследно како и испораката на оружје во воени зони. Тоа отсекогаш го бара и Левицата, на која Вагенкнехт ѝ го сврте грбот исто како и многу нејзини долгогодишни следбеници.

Клучни за поделбата беа спротивставените идеи за азилот и миграциската политика. Додека Левица е единствената партија во Бундестагот која отфрла порестриктивен курс, БСВ, меѓу другото, бара процедурите за азил да се спроведат надвор од Европската унија во т.н. безбедни трети земји. Криминалните бегалци треба да бидат депортирани.

Бон 2025 | протести пред конгресот на БСВ
Пред почетокот на партискиот конгрес на БСВ во Бон, критичарите протестираа против сојузот Сара Вагенкнехт - тие ја обвинуваат партиската лидерка дека е марионета на рускиот владетел Владимир ПутинФотографија: Marcel Fürstenau/DW

Остри тонови во политиката за азил и миграција

Во однос на содржината и реториката, некои делови од изборната програма потсетуваат на други партии, вклучително и делумно десноекстремната Алтернатива за Германија (АфД). Се критикува „неконтролираниот прилив на луѓе“, за чии биографии и подготвеност да се интегрираат се знае малку. „Наивната пракса на прием од изминатите години веќе резултираше во натпропорционално зголемување на криминали со нож, сексуалните деликти и религиозно мотивиран тероризам“, стои во изборната програма на БСВ.

Со Левица има пресек и за прашањето како да се стави крај на нападот на Русија врз Украина, спротивен на меѓународното право. БСВ повикува на прекин на огнот без предуслови. Не смее да се најдеме во нова трка за вооружување, предупреди Вагенкнехт. „Не може да станеме подготвени за војна во нуклеарната ера. Неопходна е нова политика на намалување на тензиите. Војните се завршуваат со преговори“, рече таа.

Жестока критика за воената операција на Израел во Појасот Газа

Блискиот Исток во контекст на терористичкиот напад од радикално-исламистичката Хамас од 7 октомври 2023 година, БСВ го опишува како „буре барут“. Сите големи сили во регионот своите конфликти ги тераат на грбот на населението. „Она што започна како самоодбрана на Израел од масакрот на Хамас, одамна стана безмилосна кампања на одмазда и уништување од страна на владата на Нетанјаху против жените и децата во Појасот Газа“, се наведува во изборната програма.

Германија 2024 | Сара Вагенкнехт на конгресот на БСВ
БСВ и Сара Вагенкнехт бараат разоружување на Германија Фотографија: INA FASSBENDER/AFP

Партијата на Вагенкнехт отфрла повисоки издатоци за вооружување. „Приказната за Бундесверот растурен од штедење е мит. Од 2014 година германските воени издатоци се повеќе од двојно поголеми и во 2024 година изнесуваа речиси 90 милијарди евра“, наведе Вагенкнехт. Германија и де факто сега ја постигна целта договорена во рамките на НАТО, имено да инвестира два проценти од БДП за одбраната на годишно ниво.

Сара Вагенкнехт ниту еднаш не ја спомна Левицата

Што се однесува до БСВ и нејзиниот кандидат за канцелар, Сара Вагенкнехт, Германија треба да се разоружа. Дали новата партија ќе може да се заложи за тоа во следниот Бундестаг е неизвесно. Ако БСВ не успее на сојузните избори, тоа би било пред сѐ личен пораз за Вагенкнехт.

Поранешната партија на Вагенкнехт, пак, може дури да се надева дека ќе успее и без да ја помине пречката од пет проценти. За тоа е потребно да победи во најмалку три изборни единици. Левицата веќе успеа во тоа во 2021 година. Затоа доби речиси 40 места во Бундестагот согласно нејзиниот удел во гласовите (4,9 проценти). Сара Вагенкнехт исто така профитираше од ова пред да основа своја партија три години подоцна.

„Сега да се бориме заедно!“

На крајот од конгресот, Вагенкнехт апелираше до приближно 600 делегати да влезат самоуверено во предизборната кампања: „Ајде сега да се бориме заедно! Така 23 февруари ќе го направиме огромен успех!“