1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се навестуваше сломот во Букурешт во 2008

30 ноември 2024

Македонија, заглавена во ќор-сокакот со уставните измени, се наоѓа во онаа дилема на Абрахам Линколн од Граѓанската војна: „Мојата голема загриженост не е дека не сте успеале, туку дали сте задоволни од вашиот неуспех“.

https://p.dw.com/p/4nasj
Неуспехот на Самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 година е една од оние точки кои независна Македонија најмногу ги памети
Неуспехот на Самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 година е една од оние точки кои независна Македонија најмногу ги паметиФотографија: Regierung Mazedoniens

Што мислите, која од овие оценки за историјата и нејзиното повторување најмногу би одговарале на ситуацијата во којашто се наоѓа сега Македонија заглавена на патот кон ЕУ и онаа што беше пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 каде државава го доживеа еден од своите тешки сломови.

Некои од нив веројатно ви се познати, како онаа на Карл Маркс: „Историјата се повторува, прво како трагедија, потоа како фарса“, мислејќи на Наполеон I и на неговиот внук Луј Наполеон (Наполеон III).

Некои од нив можеби не ги знаете, но може да ги почувствувате, како онаа на познатиот шпанско-американски писател и филозоф Џорџ Сантајана: „Оние кои не учат историја се осудени да ја повторуваат“. Неговата првично напишана мисла беше: „Оние кои не можат да се сетат на минатото се осудени да го повторуваат“.

И други познати луѓе слично зборувале. Британскиот државник Винстон Черчил напиша: „Оние кои не учат од историјата се осудени да ја повторат“. Писателот Џорџ Бернард Шо напиша: „Ако историјата се повторува, а неочекуваното секогаш се случува, колку човек треба да биде неспособен да учи од искуството“.

Една од најингениозните забелешки е онаа на американскиот писател Марк Твен: „Минатото не се повторува, туку се римува“.

Многумина со право сега го поставуваат прашањето дали Македонија ја повторува историјата или „грешката“ пред самитот во Букурешт со сегашната ситуација „ни на небо ни на земја“ околу уставните измени. И дали ако тие не се случат евентуалните следни предлози ќе бидат полоши. Или уште повеќе - дали мрачната сцена на политиката, можат да го променат уште еднаш хабитусот на оваа нација? И дали ако останеме на брегот, а другите се качени на бродот уште еднаш ќе се изместат приоритетите и пак може го отворат патот за авторитарни лидери.

Неуспехот на Самитот на НАТО во Букурешт во април 2008 година е една од оние точки кои независна Македонија најмногу ги памети. Политиката сака да претставува други датуми од историјата, тогаш кога била успешна (победа на избори, апликација за членство во ЕУ, пресудата од Судот на правдата во Хаг), но граѓаните, се чини, најмногу го паметат неуспехот. Или, попрецизно кажано – поразот. Можеби затоа што предизвикал најмногу трауми.

Групна фотографија на лидерите на земјите од НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година
Групна фотографија на лидерите на земјите од НАТО на самитот во Букурешт во 2008 годинаФотографија: AP

Во првите мигови по поразот во Букурешт јавноста доби впечаток за некаква неверојатна моќ на Грција да се спротивстави на барањето на САД за членство на Македонија во НАТО, повикувајќи се на клаузулата за консензус. Потоа се покажа дека не била само Грција таа што била против, туку имало и неколку други земји кои немале разбирање Македонија да ја добие поканата за членство, па формално немало потреба Атина официјално да стави вето. Така што лидерите едноставно не гласале за македонската покана затоа што на масата не требало да се убедува само грчкиот премиер Костас Караманлис.

Стратегија или импулсивност

Една недела подоцна стана совршено јасно дека на тогашната македонска владејачка гарнитура, на одреден начин, ѝ беше добредојден тој пораз за да распише предвремени избори. Таквиот развој на настаните на сликовит начин ја опиша онаа дилема на Абрахам Линколн од времето на Граѓанската војна во Америка: „Мојата голема загриженост не е дека не сте успеале, туку дали сте задоволни од вашиот неуспех“. Очигледно, тогаш во Македонија, во нејзиниот политички врв, имаше луѓе кои беа задоволни од нивниот неуспех за да можат да постават широки темели за едно неконтролирано владеење.

Имаше ли систем во таа стратегија на надворешната политика или сè беше направено импулсивно за да се искористи моментот и еден голем пораз на светската сцена да се претвори во голема домашна победа? Некои од работите што и тогаш се знаеја, а некои што подоцна ги дознавме, сугерираат дека концептот за домашниот триумф бил исцртан многу порано, неколку месеци по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во летото 2006 година во една нестабилна коалиција, која пред Букурешт веќе функционираше како малцинска влада.

На почетокот од 2007 година беше донесена одлуката за промена на името на скопскиот аеродром во „Александар Велики“, со што почна да се подјадува големиот успех со признавањето на САД на уставното име Република Македонија и кандидатскиот статус на земјата за членство во ЕУ од 2005 година и им се даде можност на грчките дипломати да ја подготвуваат новата стратегија со која ќе објаснуваат во клучните светски метрополи дека Македонија е таа што става клин во преговорите за решението за името. Античкиот дух од шишето беше пуштен. Последиците што настанаа потоа со антиквизацијата веќе не можеа да се контролираат.

А можеше да биде поинаку. Во март 2011 година на Викиликс се појавија документи од почетокот на 2008 година кои покажуваат дека ситуацијата за македонското членство во НАТО и за решение за името, всушност, била добра и дека тој момент бил неповратно уништен. Овие документи покажуваат дека Македонија тогаш немала концепт што сака да постигне, каде би можела да го направи компромисот и дека немало политичар (или неколкумина) да го подметне својот грб и да го изнесе товарот кој ќе може да ја капитализира иднината.

Во јануари 2008 година грчкиот премиер Костас Караманлис се сретнал со тогашниот американски амбасадор во Атина, Даниел Спекхард, за да разговараат за Самитот во Букурешт и приемот на Македонија во НАТО. Однапред се знаеше дека тој самит ќе биде за проширување и за отворање на атлантските перспективи за Украина и Грузија. Американската администрација на Џорџ Буш правеше извонредни напори покани за членство да добијат Хрватска, Албанија и Македонија. Документот што го објави Викиликс е од 5 јануари е каблограм издаден од американската амбасада во Атина. Во него се објавуваат деталите од разговорот меѓу Караманлис и Спекхард. Некои од тие предлози денес, по Преспанскиот договор, изгледаат извонредно добри за Македонија, но тогаш биле неприфатливи за властите во Скопје.

Караманлис бил наклонет за сложено име само за меѓународна употреба

Во тој каблограм пишува дека Караманлис, на средбата со Спекхард, рекол дека е неопходно да се најде заедничко прифатливо решение кое би вклучувало сложено име како „Нова, Горна, Северна или каква било Македонија“ за меѓународна употреба и друго име за внатрешна употреба; и тоа да се направи пред Самитот во Букурешт. Спекхард го прашувал грчкиот премиер дали е можно да биде постигнат вистински прогрес во решавањето на името пред Букурешт, а договорот да биде финализиран подоцна, кога ќе трае ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО. Караманлис не бил наклонет кон тој американски предлог и инсистирал договор за името да биде постигнат пред Самитот. „Без решение Грција не може да го одобри влезот на Скопје во евроатлантските институции“, рекол поранешниот грчки премиер.

Двете влади го разгледуваа последниот тогашен предлог на медијаторот Метју Нимиц. Во каблограмот пишува дека предлогот на Нимиц бил двојно име (Република Македонија за внатрешна употреба, а компромисно име за меѓународна употреба – во ОН, НАТО и другите организации). Караманлис имал чувство за тогашниот момент од реал-политиката и му рекол на Спекхард: „Грција може да го прифати тоа, но сложеното име би морало да се користи во сите меѓународни форуми, како и од САД“. Караманлис му објаснува на Спекхард дека грчката јавност многу се противела на каква било употреба на името Македонија, но дека тој се согласил името Македонија да биде во новиот назив на државата, што придонело да му падне рејтингот. И дека не може да попушта понатаму.

На само четири месеци пред Букурешт Грција била подготвена за компромис со две имиња – едно за внатрешна, друго за надворешна употреба. И Македонија беше подготвена за таков компромис, со двојна формула, но тој беше целосно различен од грчкиот – едно име (Република Македонија) за меѓународна употреба, а друго, композитно, за Грција. Многумина денес велат дека била пропуштена златна шанса со тој предлог на Нимиц.

Викиликс во истиот ден објави и друг каблограм на американската амбасада, датиран од 20 август 2007 година, во кој се прераскажува разговор со тогашниот грчки министер за надворешни работи, Петрос Моливијатис. Американските дипломати го сметале Моливијатис како човек од доверба на Караманлис, „партнер“, како што го опишуваат, за разлика од неговата наследничка Дора Бакојани, која се сметала за ривал на премиерот. Моливијатис рекол дека Атина гледа можност за решавање на прашањето за името пред Самитот на НАТО, но се сомневал дали таков став делат Скопје и Вашингтон. Прашал дали САД сакаат да се вклучат во брзото решавање, бидејќи според него „можно е Вашингтон заедно со Атина, Скопје и медијаторот на ОН, Метју Нимиц, да изработат стратегија за решавање на прашањето до крајот на годината (2007)“.

Поранешниот грчки премиер, Костас Караманлис
Поранешниот грчки премиер, Костас КараманлисФотографија: AP

Тој велел дека ако САД не покажат таков интерес проблемот би можел да се оддолжи со години. Моливијатис го пренел впечатокот на грчката страна дека Вашингтон го има клучот за решавање на проблемот и оти по американското признавање на уставното име на Македонија, Грците веруваат оти Скопје има поддршка од првата светска велесила.

Стратешката предност исчезна за неколку месеци

Но, она што изгледа дека било стратешка предност во летото и есента 2007 година, и на самиот почеток на 2008 година, се загуби за само неколку месеци. Политичката ситуација во Македонија беше фрагилна. По конфликтите на Никола Груевски во Владата со министрите на ДПА и НСДП и поради бојкотот на Собранието од страна на ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ размислуваше за нов посилен мандат на предвремени избори. И успехот и поразот во Букурешт ќе беа одличен изговор – приемот во НАТО да се прикаже како меѓународна потврда за исправноста на владините политики, а блокадата на членството како херојска борба против промена на името, па макар невлегувањето во Алијансата да биде неговата цена.

Пред Самитот во Букурешт медијаторот Метју Нимиц направи последен обид да се дојде до договор. Тој во последните денови на февруари во Њујорк ги повика двајцата преговарачи, Никола Димитров и Адамантиос Василакис, на клучната рунда пред состанокот на атлантските лидери. Тие преговори пропаднаа, решението за името беше далеку. Нимиц предупреди оти немањето решение за спорот околу името би можело да има последици врз регионалната стабилност по косовската независност. Тој соопшти дека на Грција ѝ е јасно дека Македонија нема територијални претензии кон јужниот сосед и дека двете заемно се почитуваат. Потоа, дека преговарачите Василакис и Димитров немале спор ниту околу етничкиот идентитет на народите на двете земји, но дека тоа не било доволно за надминување на спорот меѓу двете земји. Македонскиот преговарач Никола Димитров во тие преговори тврдеше дека Македонија сака да влезе во НАТО, но не може да ја исече гранката на којашто седи и да си поигрува со својот национален идентитет.

„Нема нови идеи и морам да кажам дека постои значителен јаз во ставовите во однос на ова прашање. Има значителни разлики меѓу двете влади за предлогот што го дадов на 19 февруари. Треба да видиме дали овие разлики можат да се премостат“, рече Нимиц. Во тие последни преговори пред Букурешт Македонија инсистираше на долгогодишната стратегија со двојната формула. Грција бараше едно сложено име кое би го содржело зборот Македонија и би се користело како едно единствено во меѓународните односи. Додека траеја преговорите во Њујорк, грчкиот премиер Караманлис повтори дека Атина ќе вложи вето на приемот на Македонија во НАТО доколку до Самитот закажан за 2 април не се најде решение за спорот.

Поранешниот македонски премиер, Никола Груевски
Поранешниот македонски премиер, Никола ГруевскиФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Во истите тие денови, за проширувањето на НАТО, особено за прашањето на Македонија, во Вашингтон зборуваа и американскиот претседател Џорџ Буш и генералниот секретар на Алијансата, Јап де Хоп Шефер. „Се надеваме дека нациите кои се пријавија за зачленување во НАТО ќе продолжат да ги исполнуваат нивните обврски“, рече Буш по средбата со Шефер во Белата куќа. Шефер додаде: „Билети за членство сè уште не се издадени“. Неколку дена подоцна Шефер отпатува во Атина да разговара за името, но уште тогаш изгледаше дека сломот во Букурешт е неизбежен.

Огромната македонска делегација отиде во Букурешт со вештачка единственост. Таму, всушност, имаше две делегации – едната на чело со претседателот на државата, Бранко Црвенковски, а другата, многу побројната, ја предводеше премиерот Никола Груевски. Заедно со нив беа и голем број новинари. Во последен момент, гледајќи дека на Самитот е многу веројатно да се случи пораз, македонските лидери се обидоа да предложат компромисен предлог со кој ќе може да ја спасат поканата. Така се појави македонскиот предлог „Република Македонија (Скопје)“. Тоа беше алиби-игра, наменета само за една ситуација, и беше јасно дека тој предлог нема да помине затоа што не беше резултат на заеднички преговори на Скопје и Атина, во кој требаше да има и многу други детали, коишто подоцна подробно беа разработени во Преспанскиот договор.

Тој предлог во последен момент на свој начин беше потврда на пропуштените шанси во изминатите 15 години и за лошите основи врз кои беше градена стратегијата за надворешната политика околу двојната формула. И покрај грандиозниот успех со признавањето на уставното име од страна на САД и истите такви признавања од над 130 земји, Македонија неколку дена подоцна разбра дека отишла во Букурешт на своевидна политичка кланица, од која некои, сепак, останаа живи. И тоа многу живи.

Се разбира, и денес многумина ќе останат многу живи ако Македонија во наредните година-две не продолжи со преговорите за пристапување во ЕУ. И притоа неуспехот ќе го прикажуваат како грандиозна победа, дека сме останале свои на своето додека на другите им го гледаме тилот. Кој знае, можеби од новата дипломатска активност ќе се извлечат некои придобивки од пошироко толкување на преговарачката рамка. Или на заклучоците на Европскиот совет. Но ако целата стратегија се темели на илјада пати повторено излегување за пиење кафе, тоа многу веројатно ќе биде промашена работа. И на неа не треба да се троши енергија. Затоа што најпосле историјата можеби нема да се повтори, но ќе се римува, како што вели Марк Твен.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар