Каква „честитка“ ќе стигне до Судскиот совет?
26 декември 2024Откако Собранието во средината на декември не го усвои годишниот извештај за работата на Судскиот Совет, кој беше дочекан со низа критики за политички нарачани одлуки, станаа сѐ погласни шпекулациите дека во почетокот на 2025 година може да бидат разрешени членовите на овој совет кои се избрани од Собранието.
И завчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, индицира дека таква разврска не е исклучена.
„Ние размислуваме за неколку потези што ќе ги преземеме после празниците", најави Мицкоски, потенцирајќи дека граѓаните мора да добијат правда.
Неусвојувањето на извештајот за работата на Судскиот совет од страна на Собранието, ја отвора можноста пратениците врз основа на членот 100 од Законот за судски совет да отворат расправа за работата на оние членови на Советот кои се избрани од Собранието.
Во овој состав на Советот тоа се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Весна Дамева, Миљазим Мустафа и Тања Чачарова Илиевска.
Расправата за нивната работа не е законска обврска, но на Собранието му дава законска основа да ја оценува работата на оние што ги избира.
„Доколку Собранието на Република Северна Македонија не го усвои извештајот, тоа ќе биде основ за поведување на расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во советот“, се вели во член 100 став 8.
Досега такво нешто не е побарано. Останува да се види дали по празниците пратениците ќе ја искористат законската можност и ќе побараат отповикување на членовите од Судкиот совет кои тие ги избрале.
Филипче: СДСМ нема да дозволи
На оваа тема веќе се острат копјата. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција по повод шест месеци од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, критикуваше за систематски обид за партиско заробување на државата, кој се рефлектирал и во најавата за распуштање на Судскиот совет, што според СДСМ, е директен удар врз демократијата.
„Јас уште по првите чекори на оваа Влада најавив дека ВМРО-МВРО се враќа. Но, вчерашната најава дека Владата планира да го распушти Судскиот совет, односно да разреши пет членови, е чекор кон целосна контрола врз судството. Ова СДСМ нема да го дозволи. Ова ќе значи газење на демократијата и враќање кон мрачните времиња на политички прогон“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ вели дека таков потег на Владата е во целосна спротивност со реформи и со она што Мицкоски го потпишал во Планот за раст, пред неколку месеци во Брисел.
„Реформите со ова ќе бидат фрлени на буниште и на сила ќе стапи целосна контрола и партизација на судството. Ја алармирам целата македонска и меѓународна јавност дека ова не смее да се дозволи. СДСМ остро ќе се спротивстави и ќе направи сѐ да не дојде до ова узурпирање на судската власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Филипче.
Тој оцени дека во изминатите шест месеци партизацијата добила епидемиски размери во клучните институции во судството и во безбедноста, а за АНБ рече дека таа е веќе партиска институција на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ нема кредибилитет
Филипче и СДСМ немаат кредибилитет да зборуваат за судството, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, од каде во соопштение „без ракавици“ наведоа примери за партизација во претходните влади на СДСМ и
„Филипче и СДС - кои го поставија митаџијата и десна рака на Заев, Наќе Георгиев за член на Судски совет - немаат кредибилитет да зборуваат за судството (...) Партизацијата на АНБ ја направија тие, а Судскиот совет беше племенски совет меѓу Муртино и Зајас. СДС се партија која на чело на Судски совет ја имаа Весна Дамева од СДС. СДС и Филипче го имаа и Иџет Мемети како заменик претседател на Советот на јавни обвинители, митаџија, исто како Наќе Георгиев“, набројуваат од партијата.
Во однос на АНБ - потсетуваат дека во мандатот на СДСМ таа институција ја водел член на Извршниот одбор и претседател на партиски комисии на СДСМ, Виктор Димовски.
„Немаше институција која не беше партизирана и пополнета со неспособни кадри. Болката кај СДС и Филипче е тоа што веќе тие не поставуваат, и што нема да има кој да им ги штити криминалците. Филипче, наместо да чита пресови нарачани од Зајас и Муртино за спас на криминалци политичари, подобро ќе беше да го трошеше времето на конструктивност и дистанцирање од криминалците“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Судскиот совет во последните две години беше епицентар на многу контроверзни одлуки - од незаконско разрешување на претседателката, преку притисоци да се одложат или блокираат дисциплински постапки против судии, па до симболични санкции за сериозен случај на поткопување на судска постапка, а заради кој апелациски судија заврши на црната листа на САД. Иако во многу такви (не)прилики стигнуваа повици сите членови да си дадат оставки, тоа до денес не се случи.