Кос: Мојот сон е Западен Балкан да се интегрира во ЕУ
5 декември 2024„Мојот сон е сите земји од Западен Балкан да бидат интегрирани во ЕУ, а границите и билатералните спорови да исчезнат, како што беше случај во многу делови од континентот. Ќе направам сѐ што можам билатералните спорови од минатото да не стојат на патот на нашата заедничка иднина. Ова го порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на форумот „Самит ЕУ-Западен Балкан: Обновен пристап кон регионот“ во организација на бриселскиот тинк тенк „Пријатели на Европа“.
Таа вели дека Унијата за првпат има реален пристап, со кој до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија, до крајната цел би можеле да стасаат една или повеќе земји кандидати за членство.
„Надежта, можностите и визијата нѐ движат сите нас сите овие години кон мирољубива и просперитетна иднина“, вели Кос, која пред неколку дена имаше средбите со лидерите од земјите од Западен Балкан, на коишто им порача дека може да сметаат на нејзинатаподдршка на патот кон ЕУ.
Единство во Брисел
Кос нагласи дека не е само прашањето кога ЕУ ќе прими нови членки, туку и што можат да направат кандидатите за членство за посилна и побезбедна Европа. „Но, ако кандидатите за членство испорачаат, тогаш сакам да бидат наградени за тоа“, вели таа.
Според Кос, Новата Европска комисија е Комисија на проширување и постои единство во Брисел кога станува збор за изградбата на поголема и посилна Европа. „Но, ве повикам да покажете вакво единство и во вашите земји. Процесот на пристапување кон ЕУ бара интезивни напори на целото општество. Владата не може сама да ја заврши работата. Ова мора да биде национален проект, за што е потребно соработка меѓу властите, опозицијата, граѓанскиот сектор...“, додава таа.
Четири можни сценарија
Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ вели дека во Брисел преовладува нов момент во однос на проширувањето и посебно е важно што тој процес е меѓу седумте приоритети на новата Европска комисија.
Според него, има четири можни сценарија во врска со проширувањето во следните години. Првото би било најнепожелно и тоа би било ситуација во која ниту кандидати за членство нема да бидат подготвени за членство, ниту пак ЕУ ќе биде расположена да ги вклучи во своето семејство.
Второто сценарио би било земјите да ги исполнат поставените услови, а ЕУ да одлучи да не ги прими во членство, поради некои причини. Најдобар пример за ваквото сценарио, според него, е случајот со Северна Македонија, која направи многу на својот пат кон ЕУ, а за возврат не го доби тоа што го заслужи.
Третото сценарио би било земјите да не се подготвени за членство, а Унијата сепак да реши да ги прими.Четвртото сценарио би било „вин-вин“ варијанта. Тоа би било кога и кандидати за членство ќе ги спроведат реформите и ЕУ ќе донесе одлука да ги отвори вратите за нивен прием.