1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

МВР врши проверки, судот одлучува за Артан Груби

ДТЗ
17 декември 2024

Досегашните информации се дека Груби непосредно пред полициската акција, заедно со стопанственик со дипломатско возило, ја напуштил земјата и заминал во Косово.

https://p.dw.com/p/4oFV5
Скопје суд
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Еден ден по обелоденувањето на информацијата дека се води истрага против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште пет лица за злоупотреби во Државната Лотарија, сѐ уште е неизвесно дали високиот функционер на ДУИ ќе се врати во Северна Македонија. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Груби да се врати дома „ако е чист како солза“. 

„Дали е чист како солза или матен нека си докаже пред суд, ако има храброст да се соочи со доказите“, порача денеска (17.12.) Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Додека се чека одлуката на Кривичниот суд во Скопје дали ќе им биде одреден притвор на Груби и на Пeрпарим Бајрами како директор на Лотарија, поради сомнеж за злоупотреби тешки 8 милиони евра во АД Лотарија, полицијата врши проверки како Груби успеал навреме да ја напушти земјата непосредно пред претресите и дали „засолниште“ пронашол во Приштина или во Тирана. За органите на прогонот недостапен е и Бајрами, кој веќе подолго време бил надвор од земјата. 

Од Кривичниот суд чекаат известување дали и каде е лоциран Груби во моментот, по што ќе се носи одлуката дали ќе му биде одреден притвор.

Артан Груби
Со чија помош Груби заминал на Косово?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со чија помош Груби заминал на Косово?

Досегашните информации се дека Груби непосредно пред полициската акција, заедно со стопанственик со дипломатско возило, ја напуштил земјата и заминал во Косово. Ова го потврди премиерот Христијан Мицкоски, во гостување во „Click Plus" на ТВ21. Бизнисменот кој со своето возило и дипломатските таблички го превезол Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција, како што објави Телма од извори на истрагата, е Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на Нептун.

Првиот вицепремиер Изет Меџити во „Дејли Клик“ на ТВ21 оцени дека има отстапки од полицијата и царината при напуштањето на Артан Груби од земјата. „Во секој случај не може да избега, ќе дојде ден кога ќе треба да се соочи со правдата“, вели тој. 

Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, осомничени се повеќе лица, меѓу кои и поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници.

„Постои сомнение дека истите сториле повеќе кривични дела, коишто на крајот имаат доведено до поголема штета на буџетот на македонските граѓани“, рече Тошковски на прес-конференција во понеделникот (16.12). 

Но, Јавното обвинителство засега има основано сомнение дека „шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои е поведена постапка“.

Обвинителство
Експремиерот Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар Методија Димовски не се опфатени со истрагата за „Лотарија“, но кривичната пријава против нив не е отфрлена, информираат од ОбвинителствотоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Проверки за поранешниот премиер и генсекот

Експремиерот Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар Методија Димовски не се опфатени со истрагата за „Лотарија“, но кривичната пријава против нив не е отфрлена, информираат од Обвинителството.

„Двете лица се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година, кога точка на дневен ред била наведената одлука, претседавал единствено осомничениот, Артан Груби“, објаснуваат од Обвинителството, додавајќи дека проверките продолжуваат за сите наводи од пријавите.

Истрагата е отворена по кривични пријави и од МВР и од Управата за финансиска полиција. 

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, во понеделникот одреди мерки за претпазливост против четири лица опфатени со истрагата за „Државна лотарија на РСМ“. Лицата се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување. Доказите, како што се вели, покажувале дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во Државна лотарија, нанеле штета од над 500 милиони денари преку незаконски набавки на видеолотариски терминали. Првоосомничениот предложил набавка на терминали, иако знаел дека е незаконска, а второосомничениот ја поддржал набавката како вицепремиер. Терминалите никогаш не биле употребени.