1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСоединети Американски Држави

Пожари кај Лос Анџелес: Нови загинати и сериозни обвинувања

СН | агенции | АРД
11 јануари 2025

Дури и ако пожарникарите пријавуваат првични успеси, пожарите околу Лос Анџелес продолжуваат да беснеат. Бројот на загинати се искачи на 11. Шефицата на противпожарната служба упатува сериозни обвинувања.

https://p.dw.com/p/4p2sy
Пожарот кај населбата Пасифик Палисејдс се уште не е под контрола
Пожарот кај населбата Пасифик Палисејдс се уште не е под контролаФотографија: Carlos Barria/REUTERS

И по неколкудневното беснеење, разорните пожари околу американската метропола Лос Анџелес се уште не се изгаснати. Бројот на потврдени смртни случаи се искачи на единаесет. Сепак, властите стравуваат дека бројот ќе продолжи да се зголемува откако истражителите ќе можат безбедно да стигнат до областите, од кои некои се целосно уништени. Три пожари остануваат надвор од контрола, вклучително и особено силниот „Палисејдс пожар“ во областа Пацифик Палисејдс. Тамошната противпожарна служба ја прошири наредбата за евакуација и во други области рано утрината. Округот Лос Анџелес, во меѓувреме,  прогласи локална здравствена вонредна состојба поради опасниот чад, објавија американските медиуми.

Чад опасен по здравјето и по животот
Чад опасен по здравјето и по живототФотографија: Mike Blake/REUTERS

Првичен напредок во гаснењето

Намалувањето на ветровите им помогна на пожарникарите да постигнат првичен успех во гаснењето на пожарите, кои претседателот на САД, Џо Бајден ги означи како „најразорни во историјата на Калифорнија“. Имено два од најголемите пожари во регионот, „Херст пожар“ и „Лидија пожар“, беа во голема мерка локализирани. Слабеењето на ветровите, исто така, веројатно ќе им обезбеди на пожарникарите на теренот клучна воздушна поддршка, бидејќи авионите може да испуштаат вода и средства за гаснење на запалените ридови околу калифорниската метропола.

Но, метеоролозите предупредуваат дека налетите на ветер повторно ќе се засилат овој викенд. „Ситуацијата останува многу опасна“, рече шефот на американската агенција за катастрофи ФЕМА, Дин Крисвел.

Огромни уништувања од пожарите во округот Лос Анџелес
Огромни уништувања од пожарите во округот Лос АнџелесФотографија: John Locher/AP/picture alliance

Агенцијата проценува дека повеќе од 12.000 објекти биле уништени или оштетени од пожарите. Според ФЕМА, околу 58.000 други се изложени на ризик. Од вторникот, околу 15.000 хектари земја биле уништени од огнената стихија. Наредбата за евакуација остана на сила за повеќе од 100.000 жители, а предупредени се уште десетици илјади луѓе. Приватниот сервис за временска прогноза АкуВедер ја процени штетата и економската загуба од пожарите до 150 милијарди долари (146 милијарди евра). 

Шефицата на пожарникарите го критикува кратењето на буџетот

Во меѓувреме, со оглед на обемот на пожарите, започнаа и обвинувањата.  Шефицата на противпожарната служба во Лос Анџелес, Кристин Краули упати сериозни обвинувања против градската администрација. Скратените 17 милиони долари (16,5 милиони евра) во буџетот на противпожарната служба сега имаат негативно влијание врз способноста на пожарникарите да се борат со пожарите, се пожали таа во интервју на американскиот телевизиски канал СиЕнЕн.

Битка со пламените јазици и со ветровите на пожарникарите од округот Лос Анџелес
Битка со пламените јазици и со ветровите на пожарникарите од округот Лос АнџелесФотографија: Ringo Chiu/REUTERS

„Не можеме повеќе да ја одржуваме сегашната ситуација. Немаме доволно пожарникари“, рече таа. Краули се пожали дека таа постојано истакнувала кога биле поднесени барања за буџет дека нејзината служба има недоволно персонал и е недоволно финансирана. Ќе бидат потребни дополнителни 62 противпожарни станици. Бројот на мисии е зголемен за 55 отсто од 2010 година, но бројот на пожарникари е намален, објасни таа. „Дополнителни ресурси ќе ни помогнат и во моменталната катастрофа“, рече Краули. „Но, во иднина, ова може да се случи каде било во градот Лос Анџелес, и ние треба да бидеме целосно финансирани и поддржани“, апелираше таа.