Напад во Магдебург: Дебата за пропустите и за последиците
23 декември 2024Нападот во Магдебург со петмина загинати, отвори нова дебата за заострување на законите и за пропусти од страна на властите. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) се залага за брзо носење нови закони за внатрешната безбедност. Во интервју за магазинот Шпигел, Фезер го спомена новиот закон за сојузната полиција, кој има за цел да ја зајакне сојузната полиција или воведување биометриски надзор над странците. „Сите наши нацрт-закони би можеле веднаш да бидат усвоени доколку Унијата и Либералите не би се противеле“, вели политичарката од СПД. „Јасно е дека мораме да направиме сѐ во наша моќ за да ги заштитиме луѓето во Германија од вакви ужасни чинови на насилство“, нагласува таа. „На нашите безбедносни сили им се потребни сите потребни овластувања и повеќе персонал за оваа цел“, вели Фезер. Пратеникот на Унијата, Торстен Фрај, вели дека во минатото се покажале недостатоци, особено во дигиталната област. Тоа се однесува на меморирањето на IP адреси или биометриско препознавање на лица на одредени точки од ризик.
Да не се избрзува со заклучоци
Истовремено врвните политичари предупредуваат од извлекување избрзани заклучоци и симболична политика. „Наша работа е да ги поддржиме жртвите и нивните роднини. Би било лошо да се натпреваруваме за симболични мерки. Тоа нема да биде дораснато на страшната ситуација“, вели генералниот секретар на Либералите, Марко Бушман за Шпигел. Заменик-претседателот на фракцијата на СПД, Дирк Визе, вели дека е премногу рано за да се каже дали специјални овластувања ќе помогнеле да се спречи нападот. Треба да се сочекаат резултатите од истрагата. Генералниот секретар на СПД, Матијас Мирш, исто така повика на присебност. „Инструментализација или избрзани заклучоци не помагаат никому и само го поделуваат нашето општество“, вели тој за „Шпигел“. Кандидатот на Зелените за канцелар Роберт Хабек, исто така во видео порака побара луѓето да не дозволуваат да бидат „заразени со омраза“. Десничарски групи веднаш по нападот повикаа на демонстрации.
Потфрлање на властите?
По смртоносниот напад во центарот е прашањето дали насилниот чин можел да биде спречен. Сојузната министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер само ден по злосторството вети брзо расветлување и уверува дека „секој камен ќе биде превртен од страна на сојузните власти“. Фезер за новинската агенција ДПА рече дека „сега на потег се безбедносните власти“ и дека во претстојните денови се сочувствува со погодените и семејствата на жртвите. Мора да биде појасни оти божиќните пазари треба да продолжат како „места на кохезија и соживот во едно општество“. Бундестагот исто така треба да се занимава со нападот годинава. Според информациите на АРД, Комитетот за внатрешни работи и собранискиот контролен одбор задолжени за контролола на разузнавачките служби, ќе се занимаваат со безбедносната состојба во Германија на 30 декември. „Два дена по страшниот чин, на виделина излегуваат сѐ повеќе детали за сторителот, кои не се вклопуваат во шемата Х, туку отвораат прашања за безбедносните служби на сојузно и покраинско ниво“, вели Визе. Според него, покрај Фезер на специјалниот состанок треба да бидат повикани и претседателите на Сојузната разузнавачка служба (БНД), на Службата за заштита на уставниот попредок и Сојузната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ).
Бројни навестувања со години
Очигледно веќе имало бројни индиции дека Талеб А. може да претставува закана. На пример, Сојузната канцеларија за миграција и бегалци соопштува дека добила дојава за сторителот преку социјалните медиуми кон крајот на летото минатата година. „Како и сите други бројни дојави, и оваа беше сфатена сериозно“, велат од БАМФ. Меѓутоа, бидејќи БАМФ не е истражен орган, НА лицето кое дало информации му било посочено директно да се обрати до одговорните органи, како што е вообичаено во такви случаи, се вели во соопштението.
Документ за писмено предупредување на загрозувачот
Како што покажува истражувањето на МДР, полицијата во Магдебург минатата година му испратила на Талеб А. писмено предупредување. Полицијата претходно призна дека не можел да се спроведе планираното директно обраќање бидејќи Талеб А. не бил пронајден. За сега не се знае дали навистина е направен обид за личен контакт, па потоа е испратено писмото. Исто така, не е јасно дали приемот на предупредувањето бил потпишан од него и вратен назад. Предупредување на можен загрозувач се прави во случај кога лицето сѐ уште не сторило ништо, но конкретни факти ја оправдуваат претпоставката дека лицето може да изврши сериозни кривични дела.
Наводи за повеќе парични казни
Според истражувањето на АРД Берлин, се вели дека лицето уште пред повеќе од десет години паднал в очи. Од кругови на истрагата се вели дека во 2013 година тој бил осуден од страна на окружниот суд во Росток на 90 дневници од по десет евра заради тоа што се заканувал со извршување на кривични дела. Меѓутоа, во подоцнежната постапка за азил, пресудата не довела до одбивање на неговото барање. Според магазинот „Шпигел“ вои Берлин бил предмет на истрага заради злоупотреба на брзата помош и тој бил казнет со 20 дневници од по 30 евра. Ден пред нападот во Магдебург требало да се преговара за приговорот на А., потврдија за Шпигел од јавното обвинителство. Тој не се појавил пред судот и приговорот бил одбиен. Покрај тоа, А. во изминатите години имал конфликти со Централниот совет на поранешни Муслимани. Лекарот по потекло од Саудиска Арабија, „со години го тероризирал Централниот совет и секуларната помош за бегалци“, објаснува претседателката на организацијата, Мина Ахади. Според „Шпигел“, А. во ноември и декември годинава повеќе пати престојувал во центарот на Магдебург во хотел. Можно е таму да се подготвувал за нападот, пишува магазинот повикувајќи се на безбедносни кругови.
Синдикатот на полицијата повикува на поголема размена меѓу властите
Претседателот на полицискиот синдикат по нападот на божиќниот пазар во Магдебург го критикува недостатокот на размена на информации меѓу властите. „Ние не комуницираме меѓусебно во доволна мера. Размената на податоци не е автоматизирана“, посочува Јохен Копелке за телевизиската станица Феникс. Според него, улога играат и погрешните тежишта во безбедносните закони. „Заштитата на податоци спречува да има поголема размена на информации“, вели тој и смета дека тоа е суштинскиот проблем во германската сојузна безбедносна архитектура. „По интензивен период на жалост, мора да се дискутира за тоа кои итни мерки треба да се преземат“, вели Копелке. Тој се прашува зошто претходно не биле преземени потребните мерки - иако властите веќе го имале забележано сторителот. Мора брзо да се размислува и за тоа како ќе се постапува со информации од странство, смета тој и додава дека „ова треба да биде многу подобро стандардизирано и автоматизирано“. Полицијата долго време чека на тоа да може побрзо да дојде и до сознанија од други региони во Германија.