1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСирија

По падот на Асад: Ќе има ли судење?

Лусиа Шултен
17 декември 2024

Ќе му се суди ли некогаш на Башар ал-Асад? Едно е јасно: справувањето со злосторствата на сирискиот режим е многу сложено прашање.

https://p.dw.com/p/4oD7D
Сирија
Изрешетан постер со ликот на Башар ал-Асад во градот ХамаФотографија: Omar Albam/AP/dpa/picture alliance

Со влегувањето на сириските бунтовници во главниот град Дамаск, се стави крај на годините на тиранија на поранешниот владетел Башар ал-Асад, кој беше обвинет за злосторства како тортура и употреба на отровен гас против населението. Според Сириската мрежа за човекови права (СНХР), само од почетокот на граѓанската војна во 2011 година па до денес, до смрт биле мачени повеќе од 15.000 луѓе. Невладината организација, за 98 отсто од тие жртви ги обвинува вооружените сили на сирискиот режим, а за останатите два отсто - различни милиции, вклучувајќи ја и сега водечката исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ), која некои западни земји ја прогласија за терористичка организација. Се вели дека режимот на Асад е одговорен за огромното мнозинство од повеќе од 150.000 произволни апсења регистрирани од СНХР.

И додека ситуацијатаво Сирија сѐ уште се смета за нејасна од западна перспектива, премиерот на привремената влада, Мохамед ал-Башир и лидерот на ХТШ, Абу Мохамед ал-Џулани, зборуваат за ново време на мир и стабилност. 

Сепак, за Сирија да започне ново поглавје, важно е сегашната ситуација да се разреши, вели Патрик Крокер од организацијата за човекови права Европски центар за уставни и човекови права. Целта е можната желба за одмазда да се канализира во процес кој би бил соодветна реакција на луѓето на насилното минато, вели овој правник за ДВ. 

Башар ал-Асад
Познавачите на ситуацијата не веруваат дека е можно Русија во блиска иднина да го изведе Асад на судФотографија: picture alliance / AP Photo

Ќе одговара ли Башар ал-Асад лично? 

Најочигледно е дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг ќе биде одговорен за обвиненијата против поранешниот владетел Асад. Тука се одлучува за личната одговорност на поединци, вклучително и за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Но, ниту Сирија ниту Русија, каде што побегна Асад, не се договорни држави на тој суд. Тоа значи дека МКС во принцип не може да ја врши својата надлежност. Сепак, Клаус Крес, професор по кривично право и меѓународно право на Универзитетот во Келн, вели дека ситуацијата е променета, па веќе не е толку очигледно дека МКС останува без надлежност.

Можноста да се бара одговорност врз основа на одлуката на Советот за безбедност на ОН, најверојатно, засега ќе пропадне поради руското вето, вели Крес во интервју за ДВ. Но, во исто време тој додава дека новата сириска влада има можност да го прогласи пристапувањето на Сирија кон Статутот на МКС. Според новата влада, Сирија би можела ретроактивно да се подложи на јурисдикцијата на МКС. „Во тој случај Асад легално би бил под визир на Кривичниот суд“, објаснува германскиот експерт за меѓународно кривично право. Политички, сепак, Крес не верува дека е можно Русија да го предаде Асад пред лицето на правдата во блиска иднина. 

Истраги и судења во Сирија? 

Експертот за човекови права Крокер се сомнева дека новата сириска влада ќе пристапи на Хашкиот трибунал и затоа смета дека прашањата за правдата ќе треба да се решаваат во самата земја.

Според германската новинска агенција dpa, лидерот на ХТШ, Ал Џолани веќе најавил дека ќе состави список на поранешни офицери кои биле вклучени во тортура и ќе ги повика на одговорност – вклучително и оние кои побегнале во странство.

За истрагите во самата Сирија, би било препорачливо да се вклучат дефинициите за злосторства против човештвото и воени злосторства во сириското кривично право, истакнува професорот по меѓународно право Крес и потсетува дека такви одредби често не се среќаваат во националните закони. Тој, исто така, нагласува дека мора да се испита дали сегашните сириски правосудни структури се воопшто способни за такви истраги.

Адвокатот за човекови права Крокер верува дека најверојатниот модел за правно процесуирање на случаите е оној што ќе има и сириски и меѓународни компоненти. Сепак, се поставува прашањето дали во Сирија има доволно специјализиран персонал, како што се судии коишто се независни.

Потребни се и други експерти: „Најважно е со овој неверојатно голем број докази да се постапува професионално“, нагласува Крокер, кој се занимава со Сирија во рамките на Европскиот центар за уставни и човекови права.

Сирија затвор
Злогласниот затвор Седнаја каде режимот на Асад вршеше тортура и егзекуцииФотографија: Izettin Kasim/Anadolu/picture alliance

Доказите мора да се обезбедат

На пример, масовните гробници не треба да се отвораат непрофесионално. Исто така не треба да се уништуваат местата на злосторството како што е затворот Седнаја или доказите како што се документите на тајната служба. Сето тоа би требало да го обезбедат експерти.

На ниво на ОН веќе постојат иницијативи за обезбедување докази: „Меѓународниот, непристрасен и независен механизам“ (IIIM) собира информации и докази за можни злосторства во Сирија од 2011 година и ги става на располагање на судовите.

Постапки во други земји

За злосторствата во Сирија имаше судски постапки и во трети земји, на пример во Германија и во Франција. Во Кобленц во 2022 година, поранешен сириски разузнавачки полковник беше осуден на доживотен затвор за злосторства против човештвото. Во САД, поранешниот управник на сириски затвор неодамна беше обвинет за тортура.

Досега, овој вид на процеси беше „најдоброто можно средство за (правна) обработка“, вели Крокер. Но, сега ситуацијата е поинаква, бидејќи е можен пристап до докази и потенцијални сторители. Крокер заклучува дека со меѓународниот притисок треба да се убеди новата сириска влада да дозволи меѓународни експерти да влезат во земјата за да обезбедат поддршка.