1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Примирје или војна - за Европа воениот напор ќе расте

20 декември 2024

Ставена во менгеме помеѓу примирје и тотална војна, Европа мора да одлучи што ќе прави во Украина и како тоа ќе го изведе. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4oOIC
Белгија, Брисел | Претседателот на Советот на ЕУ, Антониот Кошта и украинскиот претседател Володимир Зеленски
Претседателот на Советот на ЕУ, Антониот Кошта (л.) и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Брисел, 19.12.2024Фотографија: Alexandros MICHAILIDIS/European Union

На речиси точно еден месец од претседателската инаугурација, Доналд Трамп ја прашува Европа, што има да понуди и да даде за мирот во Украина?! На тесниот Самит организиран во Брисел од страна на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, тоа е прашањето кое им се поставува на сите присутни. Затоа што по влезот на Трамп во Белата Куќа, преговорите со Москва и Кремљ може да доживеат нагол пресврт. Оттука, потребен е одговор, и повеќе од само одговор - потребен е план, кој неизбежно мора да биде и европски. План, кој би загарантирал траен мир.

Актуелната ситуација во Украина ни говори за една состојба која се наоѓа на раб помеѓу прекин на огнот и дефинитивно разгорување на жежок глобален конфликт, или ако сакате Трета светска војна, каде, во обете сценарија, Европа е таа која ќе мора да ги преземе клучните стратешки одлуки за иднината на континентот и конфликтот.

Оттука, околу масата организирана од Руте, и во присуство на лидерите од Италија, Германија, Полска, Франција, Данска и Холандија, разговорите неизбежно ја допреа темата околу можноста европските земји да испратат војници во Украина во случај на прекин на огнот или мировен договор, особено откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека американската чизма нема да стапне на украинска територија за да ја гарантира безбедноста.

Се разбира, Европа сама по себе нема да биде доволна, затоа што ќе бидат потребни најмалку 40 илјади војници, а најверојатно вистинската бројка би била околу 150 илјади. Затоа ќе биде потребна помошта и од други партнери и сојузници и тука пред сѐ се мисли на Турција. Притоа, веќе станува јасно дека мисијата на новите „сини шлемови“, поради одбивањето на Владимир Путин, нема да може да биде под капата на НАТО, ниту пак под капата на ООН. За Путин најприфатливо е мисијата да биде под капата на ЕУ.

Тоа што засега е јасно е дека задачата за исцртување на контурите на идните преговори, ја има земено на свои плеќи токму шефот на НАТО. Руте, воедно, има добиено јасен и официјален мандат од страна на Трамп, нешто што започна уште пред еден месец на средбата во четири очи во Флорида. Пораката на идниот американски претседател е јасна: потребен е мир во Украина, немаме однапред спакувани решенија, но Европа мора да каже што може да даде како удел во преговорите, кој ќе биде нејзиниот придонес.

Се разбира, овие разговори и калкулации станаа возможни веднаш штом се утврди дека Трамп е прифатлив соговорник за двете страни во конфликтот, кои пак не сакаат да се најдат во ситуација дека ја одбиваат иницијативата на Трамп. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров јавно истакна дека многу ја „цени волјата“ во зборовите на Трамп за доаѓање до решение за конфликтот и дека лидерот на Кремљ, Владимир Путин, еднакво размислува за прашањето. Украинскиот претседател Зеленски, пак, ја искористи посетата и средбата на церемонијата посветена на Нотр Дам, за лично да му ја пренесе на Трамп, „волјата да се дојде до договор“, затоа што и тој самиот верува во ветувањето на „Доналд“ кон Американците, дека ќе стави крај на бескрајните конфликти.

Протекоа детали за компромисот на кој се работи

И Путин и Володимир Зеленски го сметаат Трамп за кредибилен посредник и соговорник и тоа е главната новина во однос на периодот пред американските избори, нешто што отвора можност за прекин на огнот. Од најтесните соработници на Трамп деновиве во јавноста почнаа да протекуваат контурите и деталите околу компромисот на којшто се работи: Моска би ја задржала контролата врз „окупираните региони“, кои притоа не би биле признати од страна на Киев и Вашингтон, но така би се овозможил прекин на огнот на преку илјада километри долгиот фронт, кој би требало да биде набљудуван од меѓународен контингент, дозволувајќи ѝ на Украина да влезе во ЕУ и да го започне далеку подолгиот процес на приближување кон НАТО.

Се разбира и тука постојат многу нејаснотии, особено кога зборуваме околу „окупираните територии“ под руска контрола, каде е нејасно дали под нив се мисли само на Крим и Донбас, или пак се мисли и на Мариупол, кој ги поврзува и кој Москва го освои после нападот од февруари 2022 година? Уште понејасно или поневеројатно, е дека Путин воопшто, или пак од позиција на принцип, би го прифатил приклучувањето на Киев кон НАТО, па макар и тоа било одложено низ времето и дали би се откажал од својата стратешка цел и идеја - да ја промени безбедносната рамнотежа во Европа?

Овие прашања дефинитивно не одат во полза на Москва и во насока на прекин на огнот, како што не одат ни заканите на Медведев дека Москва размислува за „удари врз функционери на НАТО поврзани со помошта кон Украина“, после атентатот на украинските 007-агенти врз генералот Игор Кирилов. Јасно е дека доколку Москва си дозволи убиство на НАТО генерал тоа би значело преминување на црвената линија од која нема враќање, по што конфликтот би се разгорел и би станал навистина глобален. Од друга страна, пак, тоа што дава надеж кон можен прекин на огнот е признанието на Зеленски дека „Украина ги нема неопходните сили за да ги поврати Крим и Донбас“, нешто што имплицира дека Киев е подготвен за територијална концесија кон Москва, придружена од надеж за „враќање на териториите“ преку „меѓународната дипломатија“ во стилот и духот на балтичките земји, кои по половина век окупација од Црвената армија, си ја повратија независноста при распадот на СССР.

Европа е ставена во менгеме

Ставена во ова менгеме помеѓу примирје и тотална војна, Европа мора да одлучи што ќе прави и како тоа ќе го изведе. Консултациите на Руте ќе продолжат со Зеленски, Макрон и британскиот премиер Стармер, и во рок од неколку недели, шефот на НАТО ќе мора да се врати во Америка со јасен план и одговор кој би му ги пренел на Трамп: какви се интенциите и можностите на Европа.

Засега две работи се јасни. Првата е економска и се однесува на потврдата дека ЕУ нема да ја прекине поддршката за Украина. Последната финансиска инјекција се смета дека може да ги задоволи сите потреби на Киев до следната есен. Потоа ќе продолжи.

Вториот аспект е воениот и се однесува на одржувањето безбедност во услови на прекин на огнот. Трамп неформално има соопштено дека смета оти поради географската блискост до конфликтот, примарно одговорна за задачата ќе мора да биде Европа. Но, како што рековме, нема да биде лесно. Станува збор за фронт од 900 километри, за којшто се неопходни барем 150 илјади војници. Бројки со кои Стариот континент во овој момент не располага, како што нема ни дефинитивен консензус помеѓу европските партнери, каде пред сѐ Полска има силни сомнежи. Оттука произлегува идејата и планот за турско-европска мисија, нешто на што Трамп гледа со симпатии, особено после ситуацијата во Сирија, додека за Ердоган тоа би значело уште една победа на терен и наметнување како врвна регионална супер сила.

Не случајно НАТО веќе некое време размислува да го зголеми бројот на војници од 100 на 300 илјади, што ќе значи поголеми заложби од сите земји-членки. Воените напори ќе растат и од финансиски и од човечки аспект за сите сојузници. Потоа ќе биде важно да се воспостави европски антиракетен штит, како оној на Израел и да се среди логистиката, особено технолошката, нешто што е невозможно без САД.

Како и да е, и во услови на примирје, а банално е да се каже и во услови на војна, воените напори ќе растат, а украинското сценарио сѐ повеќе од само НАТО, својата блискост и тежина ќе ја наметне и врз Европа и особено врз ЕУ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема