Романија: Невиден напад врз демократијата
7 декември 2024Вториот круг од претседателските избори во Романија требаше да се одржи утре (недела, 8 декември, 2024), но Уставниот суд на земјата го поништи целиот изборен процес и наложи нови избори со цел „да се обезбеди исправност и регуларност на изборниот процес“, се вели во објаснувањето за одлуката на судот. Бидејќи изборното изненадување во кое екстремниот националист и езотеричар Калин Горгеску освои најмногу гласови воопшто не беше „изненадување“, туку целен напад врз мислењето на гласачите, особено преку платформата ТикТок.
Романската разузнавачка служба ги претстави наодите пред претседателот и владата на Романија, каде што било очигледно дека земјата е цел на невиден сајбер-напад во пресрет на претседателските избори. Во повеќе од 85.000 интервенции во мрежата имало и саботажи, откривање тајни и пред сѐ истакнување на популарноста на Горгеску. Додека пред кампањата имаше само неколку стотици следбеници на својата социјална мрежа, тие алгоритми и илјадниците претходно неактивни адреси создадоа впечаток дека милиони Романци ги гледаат неговите прилози и илјадници од нив испраќаат изрази на поддршка и согласност.
Повеќе работа за полицијата
Езотерикот, од кого можеа да се слушнат монолози за „животната енергија“ на Романија, но и најавите дека како претседател веднаш ќе нареди повлекување на Романија и од Европската унија и од НАТО и враќање на пријателството со Русија, мора да се признае дека навистина освои околу 23 отсто од гласовите на гласачите во првиот круг од претседателските избори, а тоа се утврди и со поврорното пребројување на гласовите. Но, мислењето на судот беше дека се работи за неверојатен и секако недозволив напад врз мислењето и волјата на гласачите, па на владата ѝ беше наложено да одреди нов термин за избор на претседател.
Разузнавачките наоди веќе станаа работа на државното правобранителство и на полицијата: синоќа биле извршени повеќе претреси, меѓу останатите и на три куќи во Брашов во централна Романија. Експертите утврдиле дека многу од овие сајбер-напади дошле од хакери во Русија, но во таа област е многу тешко точно да се одреди географската локација на напаѓачите. Но, станува збор и за пари од тајни фирми, со кои кандидатот Георгеску наеднаш создаде впечаток дека е невидено популарен.
Дали е тоа демократија?
Секако, Русија ги „отфрла“ сите обвинувања дека влијаела врз гласачите на Романија, а платформата ТикТок, исто така, објави дека „нема индиции“ дека на нивната платформа имало координирана кампања во корист на овој претседателски кандидат.
Најреволтирани се двајцата кандидати кои веруваа дека веќе утре ќе станат претседател на Романија. Калин Георгеску упорно тврди дека „не знае ништо“ за оваа помош во неговата изборна кампања и дека одлуката на уставниот суд е „всушност формализиран државен удар“. Тој им порача на Романците „да останат верни на нашите заеднички идеали“ и дека „нема да ме спречат, ниту пак романскиот народ ќе го запре она што сака да го промени“.
Разочарана е и неговата противничка Елена Ласкони. Иако во изминатите денови јасно покажа дека не знае како да се носи со тешките прашања кои ја тресат Романија, таа веруваше дека изразената поддршка од другите партии против Георгеску ќе биде доволна за таа неделава да биде избрана за претседателка и покрај тоа што дека нејзиниот противкандидат е очигледно избраникот на напаѓачите. Таа зборува и за „незаконската“ и „неморална“ одлука на уставниот суд, која го уништува „јадрото на демократијата“: „Денес дојде моментот кога романската држава ја прегази демократијата“, порача таа преку социјалните мрежи.